ГРАД СКОПЈЕ ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ ГИ РАСКОПА ТРОТОАРИТЕ НА МОСТОТ „ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ“ И ГИ ОСТАВИ ТАКА

    ГРАД СКОПЈЕ ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ ГИ РАСКОПА ТРОТОАРИТЕ НА МОСТОТ „ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ“ И ГИ ОСТАВИ ТАКАПешаците, велосипедистите, родителите со колички за бебиња и деца мора да се движат по коловозот на мостот кој е доста фрекфентен и низ него се вози со голема брзина. (Фото: СДК.МК)

    Еден месец тротоарите на мостот „Обединети нации“ стојат раскопани и не се градат. Град Скопје на 15 август го откорна асфалтот од патеките за пешаци и велосипедисти од едната страна на мостот, во правец на движење од Влае кон Карпош. Поставени се прегради со кои е забрането движење и знак на Град Скопје дека се изведуваат градежни работи.

    Но, иако е поминат цел месец, работите за поставување нов асфалт не се ни почнати, па мостот е небезбеден за движење на пешаци. Пешаците, велосипедистите, родителите со колички за бебиња и деца мора да се движат по коловозот на мостот кој е доста фреквентен и низ него се вози со голема брзина.

    Од Град Скопје, како и во цел досегашен мандат на градоначалничката Данела Арсовска, не добивме одговор на нашето прашање зошто оваа фреквентна сообраќајница  е раскопана и оставена така, со што е небезбедна за граѓаните.

    Мостот „Обединети нации“ со години е во очајна состојба. Полн е со дупки и прокопи, а тротоарите се изрешетани па кога се минува низ нив се гледа реката Вардар. Деканот и професор на Градежен факултет Горан Марковски уште пред неколку години предупреди дека на мостот „Обединети нации“ му е потреба санација поради дотраеноста на некои делови.

    Ексградоначалникот Петре Шилегов кон крајот на неговиот мандат најави дека мостот ќе се урива и ќе се гради нов со по три коловозни летни во двата правци, како дел од проектот за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ). Но, со доаѓањето на функција на Арсовска овој проект беше стопиран, иако државата зема кредит од од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој  и сега плаќа камати од 350.000 евра годишно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира