Градоначалничката Данела Арсовска бара да се донесе Закон за комунална полиција. Таа денеска на својот фејсбук профил објави дека до Собранието и Владата доставила Предлог-закон за комунална полиција, бидејќи Скопје е нечисто и загадено.
„Во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, комуналната полиција ќе претставува системски механизам во борбата против загадувањето, но и ќе придонесе за воведување комунален ред во градот. Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен. Затоа, повикуваме да се прифати ова системско решение, строго регулирано со закон, за доброто на граѓаните како во останатите главни градови во регионот како Белград, Тирана и Подгорица, но и во многу градови низ Европа. Искуствата и придобивките се многубројни и позитивни особено за справување со оние кои континуирано се обидуваат да ги изиграат законите“, се вели во објавата на Арсовска.
- ШИЛЕГОВ ЌЕ БАРА СОБРАНИЕТО ДА ДОНЕСЕ ЗАКОН ЗА КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА
-
СКОПЈЕ НЕ ДОБИ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ФОРМИРА ПОСЛЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ
- ОПШТИНИТЕ БАРААТ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ЗАКОНОТ ШТО ГО ПОДГОТВИ ШИЛЕГОВ СТОИ ВО НЕЧИЈА ФИОКА ВО ВЛАДАТА
И ексградоначалникот Петре Шилегов во неговиот мандат бараше од Владата да се донесе Закон за комунална полиција. Од Град Скопје во 2019 беше изработено решение според кое, ингеренциите и надлежностите на комуналната полиција требаше да бидат налик на Белград. Комуналната полиција се бараше да биде надежна за сè што е во надлежност на Град Скопје односно да казнува за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично.
Тогаш Шилегов велеше дека Град Скопје не е институција која носи закони за да може да го донесе законското решение. Но, иако тој беше од највисокото раководство на СДСМ и најголемиот број градоначалници беа од СДСМ, во владејачката партија немаше политичка волја да се истурка оваа реформа.
„Ние изготвивме еден текст, предаден е во Влада и треба 17 институции да дадат мислење, оти има преземање на ингеренции од други институции. Текстот на законот месецов треба да ја помине владината постапка и да се даде во Собрание. Мојата идеја е да им се даде можност на градоначалниците да ја создадат таа полицијата на почетокот на новите мандати односно после изборите во октомври“, изјави Шилегов во јули 2021.
САКАМДАКАЖАМ.МК постојано пишува дека во Скопје со години владее безредие и дека е потребно формирање на комунална полиција. Скопје е затрупано со ѓубре, насекаде има диви депонии, се палат огнови и се загадува воздухот. Речиси целата урбана опрема е искршена и уништена. Коли се паркираат на трета лента на булеварите, но и на пешачките улици во центарот на градот.
А. АНТЕВСКА