ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ, СТОМАКОТ ГО ДАДОВМЕ – 80.000 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ЈА МИНАЛЕ МЕЏИТЛИЈА ВО СЕПТЕМВРИ

    ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ, СТОМАКОТ ГО ДАДОВМЕ – 80.000 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ЈА МИНАЛЕ МЕЏИТЛИЈА ВО СЕПТЕМВРИГрафит на зградите спроти Офицерскиот дом во Битола, алудирајќи на тоа дека има битолчани кои се противат на договорот со Грција за промена на името, а редовно одат на јадење и шопинг во Грција (Фото: СДК.МК)

    „Името не го даваме, стомакот го дадoвме!“, неодамна битолчанец напиша графит на зградите спроти Офицерскиот дом во Битола, алудирајќи на тоа дека има битолчани кои се противат на договорот со Грција за промена на името, а редовно одат на јадење и шопинг во Грција. Според официјални податоци што ги добивме од МВР, минатиот месец македонско-грчката граница кај Меџитлија ја поминале 79.513 патници. Меѓу нив, имало и странци, но најголем дел жители од Битола и од пограничните региони на Грција.

    На референдумот за името на 30 септември околу една третина од битолачните запишани на избирачкиот список излегоа на гласање, поточно 27.739 од вкупно 82.131. Другите две третини бојкотираа или немаа став за договорот со Грција.

    Но, од секојдневната комуникација во пограничните региони, се нема впечаток дека мнозинството од Битола ја бојкотира и храната и шопингот во Грција. Така, за најблиските супермаркети во Лерин, битолчани кометираат дека е како да си на Широк Сокак.

    „Колку луѓе од кај вас гредат (доаѓаат) мојте да вијте од колите на паркино“, ни рече еден од вработените во супермаркетот во Лерин на македонски јазик со егејски дијалект. На излегување преброивме дека имаше дваесетина битолски автомобили, а десетина грчки (Фото: СДК.МК)

    „Секој ден има битолчани таму. Ние немаме стандард за да купуваме во Грција, а ни цените не се нешто евтини, но народот оди како на прошетка, ќе земе неколку продукти, ќе касне потоа гиро во Лерин и ќе се врати назад во Македонија. Низ маркетите се слуша повеќе македонски отколку грчки јазик“, велат битолчани кои пазаруваат таму.

    Супермаркетите се на петнаесетина километри од граничниот премин Меџитлија – Ники и до нив се стигнува преку автопат. Најкупуваниот продукт е ладно цеденото грчко маслиново масло. Чини четири до пет евра за литар, а Битола цената е над пет евра, но купувачите велат дека маслото што кај нас нас се продава не е со таков квалитет.

    Се случува и цената на доматите да биде колку во домашните маркети. Некои пак, специјално доаѓаат да купат грчки ориз со крупно зрно. Во одредени денови има попусти за текстил и други продукти. Па, битолчани поевтино купуваат тренерки, патики, влечки, маици и друго. Некогаш и наутро чекаат редици пред да отвори маркетот кога се попустите за облека.

    „Колку луѓе од кај вас гредат (доаѓаат) мојте да вијте од колите на паркино“, ни рече еден од вработените во маркетот на македонски јазик со егејски дијалект. На излегување преброивме дека имаше дваесетина битолски автомобили, а десетина грчки.

    Очигледно, рефернедумот не ја смени комуникацијата и соработката во пограничните региони. Така, освен по маркетите и на гиро во Лерин, и оваа есен за викенд патиштата на повеќето битолчани водат кон топлите бањи во Лутраки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира