ИСКРШЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА НА БУГАРСКИТЕ ЖРТВИ ОД НЕСРЕЌАТА НА БРОДОТ „ИЛИНДЕН“ ВО ОХРИД, ОПШТИНАТА СТАВИ НОВА

    ИСКРШЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА НА БУГАРСКИТЕ ЖРТВИ ОД НЕСРЕЌАТА НА БРОДОТ „ИЛИНДЕН“ ВО ОХРИД, ОПШТИНАТА СТАВИ НОВАСлужбите на ЈП „Градски гробишта“ денеска поставија нова плоча како симбол на сочувството и почитта за загинатите 15 бугарски туристи.(Фото: СДК.МК)

    Непознати сторители деновиве ја искршиле спомен-плочата „Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро. Со брза реакција на општинските служби, денеска оштетувањето беше санирано. Службите на ЈП „Градски гробишта“ поставија нова плоча, како симбол на сочувството и почитта за 15 бугарски туристи.

    Вандализмот го осудија охриѓани, но и градоначалникот на Константин Георгиески, посебно што се случува во време кога има затегнати политички односи со соседна Бугарија.

    „Во мое лично име и во името на Општина Охрид, упатувам јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните денови извршиле оштетување на споменикот, кој беше поставен годинава по повод одбележувањето на единаесетгодишнината од несреќата на бродот ‘Илинден‘ во која загинаа 15 бугарски туристи. Апелирам до граѓаните да се воздржат од вакви и слични вандалски однесувања и да покажат повисока свест за чување на јавните површини, споменици и објекти“, се вели во реакцијата на градоначалникот Георгиески.

    Осуда за сквернавењето на споменикот на жртвите од големата бродска несреќа во Охрид стигна и од Министерството за надворешни работи.

    „Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија“, се вели во реакцијата од Министерството за надворешни работи.

    Од таму додаваат дека „вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија“.

    Несреќата која се случи на 5 септември 2009 е најголемата во водите на Охридското Езеро. На местото каде првично беше поставено спомен-обележје од камен, годинава во рамките на одбележувањето на 11-годишнината од несреќата беше откриен споменикот наречен „Солзата на Роза“, како сеќавање на 15 жртви од потонувањето на бродот „Илинден“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира