ЈСП „СКОПЈЕ“ ПОМОШ ЗА ГОРИВО ПРВО ТРЕБА ДА БАРА ОД ГРАД СКОПЈЕ ОТИ Е ПОД НЕГОВА НАДЛЕЖНОСТ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ЈСП „СКОПЈЕ“ ПОМОШ ЗА ГОРИВО ПРВО ТРЕБА ДА БАРА ОД ГРАД СКОПЈЕ ОТИ Е ПОД НЕГОВА НАДЛЕЖНОСТ, ВЕЛИ ВЛАДАТАВладата досега не добила официјално барање за помош од ЈСП „Скопје“. (Фото: СДК.МК)

    Владата досега официјално не добила никакво барање за помош од ЈСП „Скопје“ поради зголемената цена на метанот. Од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат штом се добие такво барање соодветно ќе се одговори, но на јавното претпријатие му препорачува прво да се обрати за помош во Град Скопје, под чија надлежност е.

    „Напоменуваме дека ЈСП ‘Скопје‘ е под надлежност на Град Скопје и соодветно првично треба да се исцрпат сите можности во матичната институција, пред да се бара решение на друго место. Владата останува посветена на тоа граѓаните да имаат полесен живот и секогаш ќе помага на граѓаните кога е потребно, како што тоа го правиме во изминативе две години во периодот на пандемијата“, одговорија од Владата.

    Од ЈСП „Скопје“ и денеска преку соопштение побараа Владата да им помогне поради зголемувањето на цената на метанот од 50 на 110 денари. На метан возат 33 нови автобуси на МАН, за кои годишно трошоците за гориво се околу 1 милиони евра, а со поскапувањето ќе бидат и над 2 милиони евра.

    „ Уште еднаш ја повикуваме Владата да донесе одлука за субвенционирање на работењето на претпријатието со оглед на зголемените цени на енергенсите во државата. ЈСП ‘Скопје‘ е јавен сервис на сите граѓани на Скопје, ги опслужува сите и сега не е момент да се играат политички игри, туку е момент да се реагира. Врз основа на член 9-а став 6 од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Владата може да донесе одлука за отстапување на нафтени деривати без надомест на Град Скопје, а за потребите на претпријатието, како што било случај во 2020 година, кога гориво еуродизел БС било отстапено за потребите на ЈСП Скопје. Врз основа на досегашната практика за намалување на ценовниот шок, ова може да се примени и во случајов кога имаме драстично покачување не само на цената на електричната енергија, туку и на цените на метанот“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Од таму појаснуваат дека побарале вчера да се иницираат промени во Законот за енергетика за да може на Регулаторната комисија да ѝ се даде можност за одредено регулирање на цената на метанот во кризни ситуации.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира