КАЈАКАРИТЕ ПРИВЕДЕНИ ОТИ ЈА ЧУВАА ПРИКОЛКАТА СО ОПРЕМА ДОДЕКА ЈА ОТСТРАНУВАА 20 ПОЛИЦАЈЦИ И БРОЈНИ ИНСПЕКТОРИ ВО СТРУГА

    КАЈАКАРИТЕ ПРИВЕДЕНИ ОТИ ЈА ЧУВАА ПРИКОЛКАТА СО ОПРЕМА ДОДЕКА ЈА ОТСТРАНУВАА 20 ПОЛИЦАЈЦИ И БРОЈНИ ИНСПЕКТОРИ ВО СТРУГАСо жив штит се спротиставија на акцијата, па полицијата мораше да реагира, по што децата се качија на приколката но тоа за багеристот не беше причина да запре во намерата да ја извлече приколката. Општинскиот инспектор не одговори зошто, покрај бројните дивоградби во Струга, акцијата започна со една подвижна приколка. (Фото: СДК.МК)

    Со силно полициско обезбедување, без судски налог и присуство на извршител денеска во Струга се отстрануваше времена приколка во која е сместен кајакарскиот клуб „Црн Дрим“, а која е поставена на државно земјиште. Акцијата за отстранување траеше повеќе часови, бидејќи младите кајакари не дозволуваа багерот да се приближи до приколката. Со жив штит се спротиставија на акцијата, па полицијата мораше да реагира, по што децата се качија на приколката но тоа за багеристот не беше причина да запре во намерата да ја извлече приколката. Од фирмата ангажирана за отстранување не беа поштедени ниту нованарските екипи на кои им беа упатувани навреди и закани.

    Акцијата во која Општина Струга, и покрај бројните дивоградби, издала решение за отстранување на камионската приколка каде кајакарите ги чуваат реквизитите за тренинг, траеше неколку часови по што децата беа приведени, а приколката отстранета.

    Акцијата во која Општина Струга, и покрај бројните дивоградби, издала решение за отстранување на камионската приколка каде кајакарите ги чуваат реквизитите за тренинг, траеше неколку часови по што децата беа приведени, а приколката отстранета. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на кајакарскиот клуб „Црн Дрим“ Струга, Игор Малески обвинува за селективност и пресметка за некои лични интереси.

    „Извршувањето го прават без да ни достават известување и решение за отстранување. Не третираат како дива градба и комунален отпад. Наредба од Република Македонија немам да го отстранам објектот. Претходно, со багер на ‘Проаква’ Струга влегоа и повредија неколку деца со шутот кој го превртеа врз нив. Пријавивме во полиција, но нè советуваа да поднесеме приватна тужба. Ние тогаш се повлековме. Ова е атак врз спортот. Цело Охридско Езеро е избетонирано, а сила се покажува врз нас“, вели Малески.

    Општинскиот комуналнен инспектор Трифун Танески вели дека постапува според своите надлежности. Според него, нема ништо спорно и секој нелегално поставен објект мора да се отстрани, но не одговори зошто, покрај бројните дивоградби, акцијата започна со една подвижна приколка.

    „Објектот е поставен нелегално на државно земјиште, без одобрение на Општина Струга. Сопственикот го знаевме кој е, но тој не потврдуваше и не можевме да му доставиме ниту записник, ниту решение за отстранување. Во такви услови, издадовме решение за извршивање за непознат сторител и по тоа решение денес постапуваме“, тврди Танески.

    Струга има премногу дивоградби, но засега нема никакви активности за рушење на објектите. Зарем дојде да се отстранува една приколка покрај толку дивоградби? Ова е срам за спортот, велат кајакарите. (Фото: СДК.МК)

    Струшкиот кајакарски клуб има 30-тина кајакари. Покрај младите од Струга, таму тренираат и деца од Охрид и Дебар. Дел од нив биле и на светски првенства, а дел се олимписки надежи. Никола Малески е еден од кајакарите кој денеска заедно со останатите членови од клубот се спротистави на отстранувањето на објектот.

    „Наместо да добиеме поддршка од државата тие не бркаат од тука. Општината сака да ја отстрани подвижната приколица каде ја чуваме опремата. Доколку го направат тоа ќе го уништат спортот. Сум се натпреварувал на многу светски и европски натпревари и ова е голем срам што денес го прави Општина Струга, срам за спортот. Со ваков пристап ќе го уништат кајакот во Македонија“, вели Малески.

    Кајакарите добија поддршка и од колегите спортисти, но и од своите најблиски. Според нив, апсурдно е да се почне од отстранување на една приколка кога во градот има голем број дивоградби од цврста градба.

    „Мојот внук тренира тука и ова е навистина невидена работа. Струга има премногу дивоградби, но засега нема никакви активности за рушење на објектите. Зарем дојде да се отстранува една приколка покрај толку дивоградби? Ова се спортисти и наместо да им се помогне тие ги бркаат“, вели дедото на едно од децата.

    По долгите расправии, натегања и убедувања, децата завршија во полициска станица за попречување во извршување, а приколката се отстрани од крајбрежјето на Езерото.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира