КАВАДАРЦИ ГИ ЗАПУСТИ МОЗАИЦИТЕ НА ЧЕМЕРСКИ

    КАВАДАРЦИ ГИ ЗАПУСТИ МОЗАИЦИТЕ НА ЧЕМЕРСКИЕден од двата мозаика на Глигор Чемерски, родум од Кавадарци, остана заглавен помеѓу една светлечка реклама и клима уред кај седмокатницата и треба да се дислоцира на посоодветно место (Фото: СДК.МК)

    Кавадарци дозволи еден од мозаиците на академик Глигор Чемерски да биде запуштен,  а другиот покрај запуштен,  затскриен и неприметлив, рече советникот во Советот на Општина Кавадарци Ташо Радњански на последната седница. Тој побара итно да се реагира и интервенира, за да се покаже дека градот во кој е роден еден од најзначајните македонски современи уметници достојно се грижи за  неговите уметнички дела кои се во строгиот центар. Чемерски почина во април 2016.

    Мозаикот до Поштата треба да се исчисти и да се стават две светла одоздола за да биде нагласен и да се постави натпис (Фото: СДК.МК)

    Радњански, кој е  од редовите на СДСМ,  реагираше бидејќи во новиот општински буџет не се предвидени средства за одржување на ова културно богатство.  Тој рече дека се потребни многу малку пари за да се исчисти мозаикот до Поштата и да се стават две светла одоздола за да биде нагласен, како и да се постави натпис. Оној другиот, кој по игра на случајноста се најде заглавен помеѓу една светлечка реклама и клима уред кај седмокатницата, да се дислоцира на посоодветно место.

    „Кога ќе дојдат странци  не одат во некоја фабрика овде за да видат машини, затоа што за нив тоа е застарена технологија. Убаво е да ги видат овие прекрасни мозаици кои се своевиден белег на градот. Човекот роден во Кавадарци, кога од Скопје одеше за Белград со авион, таму на аеродром го чекаа десет луѓе, а во  Париз  како лулка на културата и уметноста го чекаа педесет луѓе. Само кај нас кога доаѓаше не го чекаше никој. ‚емерски е продолжеток на она што значи историја, а историјата значи идентитет, идентитетот  значи интегритет. А Чемерски значи континуитет. Затоа што мозаиците се ретки. Беше академик,  познат во светот. Освен прекрасните мозаици во меморијалниот музеј Пелинце и резиденцијата на Претседателот на државата, кои ни ги подари нам Македонците, нам кавадарчаните ни ги подари и овие два мозаика за чија неопходна заштита зборувам”, рече Радњански.

    Градоначалникот Митко Јанчев рече дека сугестијата на Радњански ја прифаќа во целост. Нагласи дека веднаш ќе се заземе мозаиците да бидат исчистени и осветлени на достоинствен начин бидејќи се значајни. За дислокација на затскриениот ќе се одлучува заеднички со Советот на Општината, по однапред даден предлог за тоа каде би можел да биде преместен.

    „Во прво време нам ни е обврска чистењето и осветлувањето. А за дислокација, потребен е предлог кој ќе помине на Совет, да се одреди локација и ќе го преместиме таму каде што е најдобро за еден таков мозаик”, рече Јанчев.

    С. ДАРУДОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира