ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ ДВЕ ОД ТРИТЕ ГАЛИИ ВО ВАРДАР, НЕ ПЛАЌААТ КИРИЈА НА ГРАД СКОПЈЕ

    ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ ДВЕ ОД ТРИТЕ ГАЛИИ ВО ВАРДАР, НЕ ПЛАЌААТ КИРИЈА НА ГРАД СКОПЈЕДоговорот по налог на градоначалникот Петре Шилегов со фирмата ‘Сервис АД‘ е раскинат бидејќи за галијата немаат платено кирија за 4 месеци. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Град Скопје го раскина договорот за галијата во реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ односно бродот „Среќа“. По налог на градоначалникот Петре Шилегов, кој во моментов сѐ уште е на домашно лекување откако од пред десетина дена е позитивен на КОВИД-19, договорот е раскинат поради неплатена кирија за 4 месеци. Во март, исто така поради неплатена кирија е раскинат и договорот за галијата кај МЕПСО.

    „Согласно одредбите од договорот ,доколку сопственикот на бродот не плати кирија за три месеци се овозможува активирање на банкарската гаранција и раскинување на договорот. Во овој случај фирмата ‘Сервис АД‘ нема платено кирија за 4 месеци. Со тоа уште еден брод од трите кои ги постави минатото раководство на Градот, а се пречка во течението на реката и при поголеми врнежи може да дојде до излевање и поплави, ќе биде отстранет“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов на 9 март на прес-конфренција кажа дека го раскинува договорот со првиот брод кај МЕПСО, во сопственост на Ниче Димовски-Македон, шура на скопскиот ексградоначалник Коце Трајановски. Шилегов тогаш потпиша решение со кое фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ се задолжува да ја тргне галијата во рок од 30 дена, бидејќи не работела иако Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 година дека треба да почне да врши дејност.

    „Ако за 30 дена сопственикот не ја отстрани галијата под МЕПСО, тоа ќе го направи Град Скопје“, кажа на прес-конфренцијата градоначалникот Шилегов.

    Но, од овој рок поминаа 4 месеци, а првата галија сѐ уште стои во Вардар.

    Од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека не можеле да интервенираат поради владината уредба за запирање на примената на Законот за извршување, со која се запира примената на Законот за извршување до 30 јуни 2020 година.

    „Од утре престанува важноста на оваа уредба, по што во наредниот период ќе се постапи кон отстранување на бродовите од коритото на реката Вардар“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

    Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари