Министерството за внатрешни работи може да ги прекине и растури протестите и блокадите на приватните превозници во Скопје само ако се загрози безбедност и животот на граѓаните. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека досега протестите се одвиваат согласно Законот за јавни собири, односно тој е уредно пријавен од организаторот и не се констатирани никакви прекршувања на одредбите.
„Согласно член 6 од овој Закон, Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случаите кога се загрозува животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните, со поттикнување вршење кривични дела утврдени со закон и се загрозување на животната средина“, велат од МВР.
Министерството може да го прекине одржувањето на јавниот собир и во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.
„Сите овие одредби од денот на почеток на протестите па досега не се прекршени. Министерството постапува согласно законите и Уставот“, додаваат од МВР.
Приватните превозници со 200 автобуси четврти ден ги блокираат клучните крстосници во Скопје, кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и Илинденска кај Влада, и бараат Градот да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра. Поради тоа градот е парализиран, жителите со саати возат од дома до работа, лекар или на училиште, на постојките нема автобуси кои и онака се ретки, а сега се заглавени и во метежот. Превозниците велат додека не добијат барем дел од долгот од 1,5 милион евра нема да се повлечат.
Договор ниту преговори меѓу приватниците и градоначалничката Данела Арсовска нема, па со тоа не се гледа ни крај на блокадите. Арсовска, која еднострано ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, јавно на седница на градскиот Совет кажа дека нема намера да им го плати долгот и не се појавува во јавноста, се крие.
Вчера директорите на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ Ленин Јовановски и Милорад Димитријевски се повлекоа од протестите за да не се злоупотребуваат нивните имиња во политички цели.
А. АНТЕВСКА