НАД 60 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВО ОХРИД И СТРУГА ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19

    НАД 60 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВО ОХРИД И СТРУГА ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19И покрај високите бројки заразени со ковид-19, од болниците велат дека засега немаат проблеми со персонал; - Дневната болница во Струга. (Фото: СДК.МК)

    Расте бројот на медицински лица заболени од ковид-19 во Охрид и Струга. Над 60 здравствени работници од болничките установи на двете општини се позитивни на коронавирусот.

    Во охридската Општа болница има 20 заболени доктори, медицински сестри и болничари и уште толкав број се во изолација. Директорот Горан Балев вели нема место за паника, направена е прераспределба на персоналот, со што болницата засега добро се справува со напливот на пациенти. Моментално, во болнички услови се лекуваат 90 позитивни на вирусот.

    „Сите оддели работат, имаме ротација на конкретен персонал, сите се вклучени во справување на оваа ситуација и засега состојбата е стабилна“, вели Балев.

    Пет медицински лица се позитивни на коронавирус и во Специјалната болница за кардиологија „Свети Стефан“ во Охрид.

    Во Струга, исто така, бројот на заболени здравствени работници е голем, вкупно околу 20 позитивни има во Струшката болница и во Заводот за дијализа.  Заболени се и четворица од персоналот во Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.

    „И покрај високите бројки, засега немаме проблеми со персонал и болнички кревети. Имаме можност за дваесет и пет нови кревети доколку е потребно. Ние сме организирани, тие што не се зависни од кислород примаат терапија дома. Третираме пациенти и во дневната болница, а на одделение се лекуваат само оние кои се зависни од кислородна терапија“, вели Мухамед Асани, директор на Струшката болница.

    Според Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје во Охрид, повеќето здравствени работници се заразуваат надвор од работното место. Тој уште еднаш упати апел да се почитуваат мерките за заштита бидејќи, како што рече, секој може да се зарази од секого.

    „Нема веќе кластери, секој може да се зарази и навистина е потребна голема сериозност и одговорност од секој поединец, да се носи маска и да се држи дистанца“, апелира Точков.

    Заболени од ковид-19 има и во приватното здравство, кај матичните лекари и стоматолози од двете општини.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира