НЕМАМ ПРАВО ДА ИМ JA ОДЗЕМАМ НАДЕЖТА НА ДЕЦАТА ЗА НОВА ГОДИНА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ, ГЛАВНИОТ ГРАД ЌЕ БИДЕ УКРАСЕН ДО 5 ДЕКЕМВРИ

    НЕМАМ ПРАВО ДА ИМ JA ОДЗЕМАМ НАДЕЖТА НА ДЕЦАТА ЗА НОВА ГОДИНА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ, ГЛАВНИОТ ГРАД ЌЕ БИДЕ УКРАСЕН ДО 5 ДЕКЕМВРИДржавата нема проблеми со недостиг на материјални средства во здравството па да треба да се пренасочуваат пари, како што бара опозицијата, туку недостига медицински кадар, а уште во септември купивме лаптопи за сите деца од средните училишта кои се под надлежност на Град Скопје, а кои немаа можност онлајн да следат настава; - Петре Шилегов. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје од вчера почна со новогодишно украсување на градот. Предвидено е до 5 декември Плоштадот Македонија и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека и покрај коронакризата, градската власт не се откажува од празнична, новогодишна атмосфера низ улиците и плоштадите во главниот град, бидејќи на тој начин ќе се врати надежта и насмевките на лицата на граѓаните, особено на децата.

    „Оваа година, на нашите дечиња им е одземено многу, детството, училишната година, играта со другарчињата, радоста. Сметам дека во оваа тешка година и мрачно време во коешто живееме, не треба на светол момент како што е Нова година да останеме неми. Немаме право да го направиме тоа, немаме право да им ја одземе надежта и радоста на граѓаните и децата“, вели градоначалникот Шилегов.

    Шилегов вели дека државата нема проблеми со недостиг на материјални средства во здравството па да треба да се пренасочуваат пари, како што бара опозицијата, туку недостига медицински кадар.

    „Уште во септември пред почеток на учебната година, набавивме лаптопи за сите деца од средните училишта кои се под надлежност на Град Скопје, а кои немаа можност онлајн да следат настава. Овозможени се и сите технички услови во однос на интернет за следење на наставата. Тоа значи дека немаме ниту потреба парите да се пренасочуваат, ниту за компјутери за учениците“, додава Шилегов.

    Годинава градот само ќе биде украсен, нема да се организира новогодишната манифестација „Винтерленд“, ниту ќе има прослава за дочек на Нова година.

    Тендерот за новогодишно украсување на градот чини 200.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира