Нигериецот Симеон Поликарп, кој има македонско државајанство и во Штип живее повеќе од 40 години, е меѓу петтемина кандидати за градоначалник на Штип на предвремените избори што треба да се одржат на 13 декември. Тој е предложен од партијата Интерга.
Поликарп, познат по прекарот Џими, во Македонија дојде во 1981, две години престојуваше во Пробиштип каде учеше геологија, а потоа се пресели во Штип каде што живее со сопругата и двајцата синови.
Кандидатурата на Поликарп и на останатите четворица кандидати ги потврди и претседателот на Општинската изборна комисија во Штип Сенка Андреева, која изјави дека крајниот рок за поднесување на кандидатури бил синоќа до полноќ, па некои предлози пристигнале во 5 до 12, односно непосредно пред полноќ.
„Добивме кандидатури уште за Гоце Ангелов предложен од коалицијата ‘Во наши раце‘ составена од партиите Демократи и Обединета реформска организација, кандидатура за Лазар Наумов од ТМРО, потоа за независниот кандидат Трајче Митев кој претходно ги собра потребните 250 потписи, и кандидатура за д-р Сашко Николов од СДСМ“, вели Андреева.
Кандидатура од ВМРО-ДПМНЕ не е поднесена. Вчера лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека на седницата на Извршниот комитет било одлучено ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на изборите во Штип и Пласница поради пандемијата на коронавирусот и големиот број новозаразени и активни случаи.
Мандатот на новиот градоначалник на Штип ќе трае до октомври наредната година кога треба да се одржат редовните локални избори.
Т. ЈОВАНОВСКИ