ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА ОД КОРОНАВИРУС ПОЧИНА ХИРУРГ ОД КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА, ПО НЕГОВО БАРАЊЕ БИЛ ПРЕФРЛЕН ОД ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА

    ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА ОД КОРОНАВИРУС ПОЧИНА ХИРУРГ ОД КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА, ПО НЕГОВО БАРАЊЕ БИЛ ПРЕФРЛЕН ОД ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКАД-р Драган Тасевски, доктор специјалист вработен на Хируршкото одделение во кумановската Општа болница, е првиот здравствен работник во Куманово кој почина од коронавирус. (Фото: СДК.МК)

    Д-р Драган Тасевски, доктор специјалист вработен на Хируршкото одделение во Општата болница Куманово, почина од компликации на коронавирус. Докторот добил позитивен тест пред десет дена, а откако состојбата му се влошила прво бил лекуван на Инфективната клиника во Скопје, а потоа на сопствено барање бил префрлен во приватната болница „Аџибадем Систина“.

    Од Центарот за јавно здравје во Куманово потврдуваат дека на 9 октомври е потврден случај на ковид-19 на здравствен работник. Директорката од Општата болница Куманово Снежана Захариева, вели дека сите се` уште се во шок од сознанието оти нивниот колега ја изгуби битката со коронавирусот.

    „Колегата од пред десетина дена е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, како последица на една сериозна бронхопневмонија предизвикана од ковид-19. Се покажа дека е позитивен со потешка клиничка слика и веднаш е пратен на клиника. Меѓутоа по своја проценка, како што дознав од колегите, заминал на лекување во Систина. Вчера попладне состојбата му се влошила и попладне починал. Никој од нас не очекуваше дека вака ќе се заврши. Многу ни е тешко што изгубивме врвен стручњак професионалец, голем човек и колега, кој даваше свој допринос во оваа битка со справувањето со коронавирусот и во целокупното работење на Кумановската болница“, рече Захариева.

    Директорката не знае каде се заразил хирургот Тасевски, но тврди дека во последните два месеца немаат регистрирано случај на заболен на Хируршкиот оддел во болницата. Таа вели дека ова е прв случај на починат од коронавирус во нивната болница, иако досега повеќе од 10 отсто од вработените го прележале вирусот.

    „Ние сме над 700 вработени, но заразени имавме главно на почетокот на  кризата, во оној период кога на два пункта во стари објекти неадекватни за сместување имавме голем наплив на пациенти. Сега е состојбата стабилна и се надевам дека така ќе остане“, вели Захариева.

    Директорката апелираше до сите граѓани да ја сфатат болеста сериозно, особено скептиците дека вирусот не постои, затоа што ковид-19 е болест со непредвидлив тек.

    Куманово е жариште на коронавирусот од почетокот на пандемијата. Досега во Центарот за јавно здравје во Куманово, под кој спаѓаат и Липково и Старо Нагоричане, регистрирани се 1.998 заболени од коронавирус, а активни се 233.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира