ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ПРОТИВ МЕРКО, НА СУДОТ И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМ ТРЕБАЛО ВРЕМЕ ДА ГИ РАЗГЛЕДААТ НОВИТЕ ДОКАЗИ НА ОДБРАНАТА

    ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ПРОТИВ МЕРКО, НА СУДОТ И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМ ТРЕБАЛО ВРЕМЕ ДА ГИ РАЗГЛЕДААТ НОВИТЕ ДОКАЗИ НА ОДБРАНАТАМерко е обвинет злоупотреба на службена положаба за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ од 67.000 евра и уште три други автомобили, за што вкупно потрошил 114.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Струга денеска повторно беше одложена главната расправа за судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили. За возилата од општинскиот буџет вкупно беа потрошени 114.000 евра.

    Судијката Надица Митреска кажа дека одбраната доставила обемна листа на докази кои судот треба да ги разгледа, но и да прибави одредени документи од надлежните институции.

    „Потребно е време и за Обвинителството да се запознае со истите, но и за судот. Судот ќе се потруди во најкраток можен рок документите кои и се потребни на одбраната да се обезбедат“, изјави Митреска.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го гони струшкиот градоначалник Мерко за злоупотреба на службената положба, обвинение кое стигна десет месеци откако САД го ставија на црната листа поради корупција и мешање во судски процеси.

    „Без претходно одобрување на Годишниот план за јавни набавки од страна на Советот на Општина Струга и без конкретната јавна набавка да биде предвидена во Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2018 година, спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка и го оштетил буџетот“, изјавија претходно од Јавното обвинителство за овој предмет.

    На претходното рочиште Мерко не се појави во струшкиот суд, па судијката Надица Митреска побара судот за денеска да го обезбеди неговото присуство. Главната расправа тогаш беше одложена по барање на одбраната оти немале целосен увид во списите.

    Судскиот процес за струшкиот градоначалник продолжува на 8 јули во 13 часот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира