ОПШТИНА БИТОЛА НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ И КАДАР ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „ГЛОБАЛ“

    ОПШТИНА БИТОЛА НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ И КАДАР ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „ГЛОБАЛ“Општина Битола има сама двајца кадри квалификувани за животна средина кои работат во тој сектор. (Фото: СДК.МК)

    Проблемите со заштитата на животната средина и аерозагадувањето во Пелагонискиот Регион се наталожени од минатите години и има недостиг на финансиски средства за нивно решавање. Недостига квалификуван кадар за заштита на животна средина, а исто така недоволна е интрасекторска и соработка со останатите засегнати страни и граѓаните, покажа истражувањето на Здружението „Глобал“ од Битола во рамки на проектот „Граѓаните следат, креираат и одлучуваат за своите пари“.

    Во анкетата што ја спроведоа врз помал примерок на граѓани, над седумдесетина, се покажа дека најголемиот дел од нив или 89 проценти состојбата со загадениот воздух ја оценуваат како лоша. 78 проценти не знаат колку пари се трошат од буџетот на Општината за да се намали аерозагадувањето. 55 проценти се недоволно информирани за состојбата со загадениот воздух. Но, од друга страна пак, иако неинформирани, сметаат дека инвестициите во намалување на загадувањето не се доволни. Дури 95 проценти не се задоволни со пристапот за решавање на загадениот воздух, но 70 проценти не покренале ни иницијатива за решавање на овој проблем. Од „Глобал“ сметаат дека граѓаните не се информираат за вистинска состојба за животната средина поради недоверба во институциите до сега.

    Претставниците од Општина Битола, присутни на презентацијата, изреагираа дека сите одлуки, документи, решенија и други информации поврзани со работата на локалната самоуправа, вклучувајќи ги и оние за загадувањето, се објавуваат редовно на нивната интернет страница од каде секој може прецизно и навремено да се информира.

    „Глобал“ во своето истражување обезбеди бројни податоци за тоа колку средства биле потрошени за заштита на животната средина. Општина Битола дала пари за субвенционирање на пелети и инвертер клими од 2017 до 2019 година во износ од над 210.000 евра. За субвенционирање на велосипеди 9.450 евра, еко греење во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ над 84 илјади евра. Отпочнат е проект за пречистителна станица кој изнесува 27,8 милиони евра. Во Програмата за животна средина издвоени се уште 50 000 евра и други проекти.

    „Најспорната точка е тоа што Општина Битола има сама двајца кадри квалификувани за животна средина кои работат во тој сектор. Општинскиот инспекторат во 2016 година направил 62 надзори, но не се изречени глоби, во 2017 година не се изречени глоби, а имало 34 надзори, 2018 има една глоба, а пет казни со 54 надзори во 2019 година. За Општините Новаци и Могила немаме информации дали имаа вакви кадри. Бараме да се зголеми капацитетот на квалификувани кадри за животна средина“, рече Томе Крстевски, претседател на „Глобал“.

    РЕК пак, во изминатите четири години дал 1.300.000 евра за еколошки проекти во општините Битола, Новаци и Могила. „Во РЕК се решава и проблемот со отпепелувањето. Во голема мера е решен зашто една третина од површините се покриени со земја“, рече Крстевски.

    На трибината еден од присутните праша „што фајде ќе има народот од А интегрирана еколошка дозвола која РЕК треба да ја добие до 2026 година“

    „Таа значи дека Комбинатот ќе произведува електрична енергија по западно европски стандарди. Ако сега низ оџаците на РЕК Битола излегуваат 100 микрограми на метар кубен прашина, ќе биде сведено најпрво на 50, а потоа и на 20 микрограми. Проблемот лежи што РЕК во ноември 2007 година аплицирал да ја добие А интегрирана еколошка дозвола, рокот бил до 2014 година, а ништо не било преземено. Во 2018 година ја отворивме постапката повторно. Од Министерство за животна средина ни рекоа ’каде сте со години од вас нема абер‘. Во рок од една година документација од 1.000 страници беше разгледана, дискутирана, се водат преговори“, рекоа од РЕК.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира