Општина Центар од утре сама ќе го собира ѓубрето од контејнерите, но и околу нив, откако градското претпријатие „Комунална хигиена“ втор ден не го чисти Скопје, соопшти Општината.
„Штом Град Скопје не успева да најде решение за функционирање на претпријатието ЈП ‘Комунална хигиена’ кое е под ингеренции на Градот, тогаш Општина Центар нема да дозволи граѓаните да се дават во смет и потенцијална зараза од летните температури. Утре наутро со почеток од 8 часот со работа почнуваат речиси сите хигиеничари од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“ и дел од општинската администрација. На терен ќе биде употребена целата механизација во сопственост на претпријатието како и дополнителна опрема за собирање смет. Уште еднаш апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
За чистењето обезбедени се 4 камиони за собирање смет и еден камион за подигање контејнери, како и целата механизација на ЈП „ПОЦ“ меѓу кои три метларки и цистерна за темелно миење на улиците.
Вработените во „Комунална хигиена“ најавија дека и утре ќе протестираат и нема да излезат на улиците да го подигаат ѓубрето. Во 7.30 часот е закажан протест во дворот на претпријатието, кој ќе го поддржат и од Самостојниот синдикат на Македонија. Од ССМ денеска побараа од директорката Косана Мазнева-Николиќ да ги почитува работничките права и да ги врати на работа избрканите работници, меѓу кои и синдикалниот лидер на претпријатието Дели Дардишта.
За утре состанок во 10 часот за проблемите со несобраното ѓубре најавија градоначалниците на скопските општини.
А. АНТЕВСКА