Пациент заразен со ковид-19 од Струмица чија здравствена состојба се влошила, заедно со медицинска сестра и возач се повредени откако синоќа кај штипското село Лакавица излетало од коловозот амбулантното возило на Струмичката болница. Според директорот на Медицинскиот центар Струмица Наќе Гогов, 76-годишниот пациент со фрактури на лицето бил веднаш префрлен на Клиниката за максофилицијална хирургија во Скопје, сестрата што го придржувала пациентот е префрлена на лекување во Штипската болница, а возачот е пуштен на домашно лекување.
„Засега не се знаат причините како дошло до излетување на возилото од коловозот кај Лакавица од патот Радовиш-Штип кој се реконстурира. Наша екипа синоќа околу 21 часот овде од Струмица тргна кон штипскиот ковид центар, бидејќи здравствената состојба на пациентот заболен од ковид-19 се влоши. Нашата екипа поминала со полесни повреди, додека пациентот добил фрактури на лицето“, рече Гогов.
Гогов уште еднаш прецизираше дека за нив и понатаму преставува проблем застарениот возен парк и честите дефекти на возилата. Како болница, со години барале дозвола и средства за набавка на нови амбулантни возила.
„Во моментов, имаме само две амбулантни возила за транспорт на пациенти до клиниките во Скопје или Штип, но морам да признаам дека се доста амортизирани. Имаме и три лесни возила со кои вршиме транспорт на пациенти овде во регионот“, рече Гогов, кој вели дека прават напори да ги одржуваат застарените амбуланти возила за да се излезе во пресрет на пациентите.
Кај Лакавица синоќа излегла и полциијата која извршила увид и треба да ги утврди причините како настанало излетувањето на амбулантното возило при што три лица од Струмица беа повредени.
В. ТРАЈКОВ