Универзална сала во Скопје две години е затворена оти почна да се рони таванот. На вратата за влез кон бината стои графит „Сите ве слушам. З.З.“. Алудира на последениот настан кој се одржа во Универзална, трибината на СДСМ на 10 март, 2015, на која лидерот Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами.
Од Министерството за култура не одговорија на нашите прашања за статусот на реновирањето на Универзална сала.
Како личи салата внатре сега знаат само вработените, кои доаѓаат на работа и покрај тоа што салата не работи, а изгледот на Универзална сала однадвор најдобро го опишува зборот јадно.
Валкани прозорци, искршен тротоар, згужвани лименки и шишиња го надополнуваат мирисот на урина што се шири од сите страни на салата. Објектот навечер е во темница, единствeно светло кај главниот влез е од банкомат на „Уни банка“. Иако свети и тој не работи. На него стои пораката „Терминалот се сервисира, ве молиме посетете некој од останатите терминали“, слично на пораката на веб страната на Универзална сала, каде со големи букви пишува „Концертната сала не е во употреба“.
На последниот настан, трибината на СДСМ на 10 март, 2015, Заев побара оставки од Владата, јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководството на Македонската телевизија. На трибината, гостите ја слушаа осмата бомба на опозицијата која се однесува на наводно местење избори преку изработка на лични карти, кражба на избирачки списоци, организирање авионски превоз за гласачи од дијаспората, злоупотреба на стари лица, деца без родителска грижа, на војници и полицајци во текот на изборниот процес. Се преслушуваа наводните разговори меѓу тогашните министри Гордана Јанкулоска, Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на тогашниот премиер Мартин Протуѓер, директорот на Македонски телеком Жарко Луковски, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, претседателот на ДПА Мендух Тачи и вицепремиерот за спроведување на Рамковскиот договор Муса Џафери.
Универзална сала беше преполна, се седеше и на скалите, а огромен број граѓани кои не успеаја да влезат во салата, трибината ја следеа однадвор.
Кога заврши трибината и салата се испразнила, парче од таванот се откорнало и паднало врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.
Тогаш беше актуелен проектот според кој салата требаше да се урне, а на нејзино да место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Истата година, Универзална сала беше преименувана во Конгресен центар Александар Македонски, а имиња добија и сите помали сали кои требаше да се изградат според проектот во форма на јајце. Па така, во Универзална сала се сместија и конгресни сали со имињата Гоце Делчев, Методија Андонов-Ченто, Борис Сарафов, билетарните сали добија имиња Панко Брашнаров, Кочо Рацин, Григор Прличев, Димитрие Чуповски, Крсте Петков-Мисирков и Браќа Миладиновци.
Минатата година, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јаце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот од пред девет години на „Архангел бојс“, според кој се задржува сегашниот изглед но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200. Градежниот институт на Македонија лани беше задолжен да направи корекции и да ги прилагоди старите проекти. Првичниот рок што го имаа не го испочитуваа, па рокот беше продолжен за три месеци, кои истекуваат во текот на овој месец.
Министерството за култура чека да бидат завршени проектите за да може да распише оглас за избор на изведувач.