ЛЕТОВО 15 ТУЖБИ ЗА КРАЖБИ НА ВОДА ВО БИТОЛА

    ЛЕТОВО 15 ТУЖБИ ЗА КРАЖБИ НА ВОДА ВО БИТОЛАСо години, на диво се приклучени на водоводната мрежа и водата ја користат за наводнување ниви, пластеници, земјоделски површини, фудбалски игралишта, дворови. Се троши питката вода, а притоа се намалува нормалното водоснабдување на останатите потрошувачи кои редовно ги плаќаат сметките, велат од битолски „Водовод“. (Фото: СДК.МК)

    Полицијата летово поднела 15 пријави за кражби на вода и покренати се осум судски постапки, соопштија од Јавното претпријатие „Водовод“ од Битола. Ова претпријатие во летниот период изврши повеќе контроли за утврдување на евентуална злоупотреба на питка вода од потрошувачи.

    „Досега се направени 150 контроли, каде се установени шеесетина неправилности од кои во 20 случаи веднаш е реагирано и е решено со опомена, направени се 12 записници од општинскиот инспекторат, 15 пријави од полиција и покренати се околу 8 судски постапки. Со години, на диво се приклучени на водоводната мрежа и водата ја користат за наводнување ниви, пластеници, земјоделски површини, фудбалски игралишта, дворови. Се троши питката вода, а при тоа се намалува нормалното водоснабдување на останатите потрошувачи кои редовно ги плаќаат сметките“, вели директорот на ЈКП „Водовод “од Битола, Горан Козаров.

    При контролите на терен, во одредени случаи била користена и асистенција од полицијата и од општинската инспекција. Во десетици случаи каде биле констатирани злоупотреби и нелагално користење вода, исклучени се дивите приклучоци. Надлежните најавуваат дека контролите ќе продолжат и во следниот период.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира