ПРЕКУ МЕЏИТЛИЈА ВЛЕГЛЕ ЧЕТИРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ГРЧКИ ДРЖАВЈАНИ ОД ПРЕД ПАНДЕМИЈАТА

    ПРЕКУ МЕЏИТЛИЈА ВЛЕГЛЕ ЧЕТИРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ГРЧКИ ДРЖАВЈАНИ ОД ПРЕД ПАНДЕМИЈАТАПреку прминот Меџитлија-Ники во 2019 во просек дневно влегувале по 2.083 патници, а сега по 479. (Фото: СДК.МК)

    За четири пати намален е бројот на грчки државјани кои доаѓаат во земјава преку граничниот премин Меџитлија-Ники отколку во јули 2019, пред почетокот на пандемијата. По десетина дена од подигањето на рампата на овој граничен премин, не се исполнија очекувањата дека ќе има наплив на грчки муштерии во Битола како пред појавата на ковид-19.

    „Една година беше затворенa границата, се одвикнавме да доаѓаме. Ќе треба време да се вратиме на старите навики, да продолжиме по старо, но работите се помрднаа од мртва точка“, велат државјани на Грција кои ги затекнавме во Битола.

    Според официјалните податоци од МВР дадени за САКАМДАКАЖАМ.МК, во јули 2019 преку прминот Меџитлија-Ники во земјава влегле 62.479 патници или во просек дневно по 2.083. За десет дена овој месец, од 2 до 12 јули, влегле 4.791 патник или во просек дневно по 479. Тоа е четири пати помалку отколку пред пандемијата. Возила, пак, влегле три пати помалку, поточно во јули 2019 по 40.846 или дневно по 1.361, а овој месец 4.294 или 429 дневно.

    Во битолската чаршија, главната дестинација каде пазаруваат жителите од соседството, по пауза од една година почна да се слуша грчкиот јазик. Но, посетеноста е уште мала.

    „Многу малку доаѓаат. На прсти се бројат во пазарен ден. Од прометот што го правевме од грчките посетители, денес нема ни 10 проценти. Не доаѓаат по зеленчук, на фризер и стоматолог. Едноставно со месеци беше прекината врската и сега тешко се воспоставува“, вели Диме Поповски, пазарџија од Битола.

    Намален е и излезот на патници од земјава кон Грција, иако е туристичка сезона. Според податоците на МВР, за три и пол пати помалку патници на дневна основа патуваат овој месец од Македонија за Грција преку Меџитлија отколку пред две години. Така, во јули 2019 преку овој граничен премин излегле 60.272 патници или дневно по 2.009, а овој месец во првите десет дена 5.459 или дневно 545. За цел месец во 2019 година и3легле 8.295 возила или дневно 1.276, а годинава за десет дена откако беше отворнеа граница 4.844 или во просек 484.

    Ваквите податоци се на средина од туристичката сезона, кога со години беше најголем притисокот врз границата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира