Приватните превозници на 2 декември на неколку клучни крстосници во Скопје ќе ги паркираат автобусите и ќе го блокираат градот. Бараат да им се зголеми цената за изминат километар. Сега од ЈСП „Скопје“ добиваат по 68 денари за секој изминат километар, тарифа која е донесена уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски.
Превозниците доставиле и официјално барање до Градот, но поради кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ оваа точка не беше ставена на дневен ред на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.
„Сè е поскапено, не ни се исплати да возиме до оваа цена, затоа бараме да се коригира. Ако не се донесе нова тарифа ќе мора да настапиме со блокади и штрајк. Замолувам да се најде решение да не трпат граѓаните. Луѓето повеќе од 30 години ја работат оваа дејност и сега треба да останат без работа и да си одат од државата“, рече на денешната прес-конференција Влатко Тодоровски, приватен превозник.
И додека јавниот превоз е во колапс, градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се караат, невредуваат и меѓусебно се обвинуваат за проблемот. Арсовска денеска испрати соопштение до медиумите во кое го обвинува претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, дека намерно не ја става точката на дневен ред за да се создаде хаос во градот.
„Денес од страна на Секторот на поддршка на Совет добив известување дека мислењето кое од моја страна беше доставено до претседателот на Советот на Град Скопје во текот на вчерашниот ден, според него е нерелевантно, со што го прекршува Статутот и Деловникот за работа на Советот на Град Скопје и си ги пречекорува сопствените овластувања. Претседателот на Советот нема право да толкува мислење на градоначалник ниту истото да не го прифаќа, туку само да го достави до советниците. Дали овие чекори се поради непознавање на Деловникот за работа на Советот или поради обид за креирање на нова криза во јавниот превоз во Град Скопје, тоа оставам да го процените сами“, вели Арсовска.
Славески денес кажа дека вонредна седница ќе нема и дека ова се случува поради инаетот на Арсовска.
„Апелирам до приватните превозници да не подлегнуваат на нејзните манипулации, затоа што постои шанса да останат на улица. Доколку оваа ситуација ескалира поради инаетот на Арсовска, Владата затоа што е прогласена вонредна состојба има механизми да го реши овој проблем. Во кризна состојба, доколку дојде до блокирање на улици се носат булдожери и се расчистуваат улиците“, рече Славески.
Данела Арсовска на локалните избори во 2017 беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и за неа Мицкоски на митинзите пред граѓаните велеше дека е жена менаџерка која ќе го направи Скопје модерен град и затоа треба да гласаат за неа.
А. АНТЕВСКА