ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ УТРЕ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ СКОПЈЕ СО ПРОТЕСТ КАЈ „МАВРОВКА“, ЌЕ ПОДНЕСАТ И ТУЖБА ЗА КЛЕВЕТА ПРОТИВ АРСОВСКА

    ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ УТРЕ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ СКОПЈЕ СО ПРОТЕСТ КАЈ „МАВРОВКА“, ЌЕ ПОДНЕСАТ И ТУЖБА ЗА КЛЕВЕТА ПРОТИВ АРСОВСКААвтобусите од „Слобода превоз“ престанаа да возат пред една недела, а од почетокот на ноември не вози ни „Макекспрес“. (Фото: К. Попов)

    Возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утре од 7 часот ќе ја блокираат крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Велат дека се решиле за блокади на сообраќајот бидејќи тоа е единствен начин да алармираат за нивниот проблем, кој го предизвика  градоначалничката Данела Арсовска.

    „Градоначалничката Арсовска не само што нема слух и разбирање за нас туку шири и лаги. Утре ќе присуствуваме на седница на Советот на Град Скопје ,каде советничките групи ќе бараат решение и одговорност од Арсовска затоа што го доведе јавниот превоз во колапс. Исто така, имаме и средба со Управниот одбор на ЈСП ‘Скопје’ на која се надеваме дека ќе присуствува и директорот Александар Стојковски. На средбата ќе бараме да ни се исплати долгот од 1,5 милион евра“, вели Ленин Јовановски, сопственик на „Слобода превоз“.

    Приватните превозници веќе ангажирале и адвокатска канцеларија која утре ќе поднесе тужба против Арсовска за клевета, откако таа кажа дека правеле криминал со тоа што 5 години продавале билети во автобусите, а парите си ги ставале в џеб. Тужба ќе добие и ЈСП „Скопје“ за долгот од 1,5 милиони евра кој не им се плаќа со месеци, а нема намера ниту да се плати.

    Автобусите од „Слобода превоз“ престанаа да возат пред една недела, а од почетокот на ноември во јавниот превоз ги нема и автобусите на „Макекспрес“. Оттогаш јавниот превоз во Скопје е во колапс, и по еден саат се чека на постојките бидејќи ЈСП „Скопје“ нема доволно возила ниту возачи да ги надомести сите линии на приватниците и плус да ги одржува нивните.

    Градоначалничката Арсовска и покрај секојдневните реакции на граѓаните, фотографиите и снимките од полни автобуски станици и преполни автобуси, вели дека нема проблем со јавниот превоз, сите линии се надоместени и редовно се одржуваат од ЈСП и ги обвини новинарите дека шпекулираат.

    Арсовска лани ги доби локалните избори токму со ветувањата за добар јавен превоз. Ветуваше брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси. Новите автобуси сега таа веќе не ги ни споменува, а јавниот превоз е во колапс.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира