Почна пробното возење на новите автобуси на гас на ЈСП „Скопје“. Од средата низ улиците на Скопје можат да се видат новите еко автобуси, меѓутоа тие не се пуштени во употреба туку се врши обука на возачите, што беше дел од од договорот склучен со хрватската фирма „Ауто Хрватска“, генерален застапник на германскиот производител „МАН“.
Од ЈСП „Скопје“ велат дека обуката на возачите ќе трае и за време на карантинскиот викенд, односно по пет возачи дневно со инструкор ќе ги возат автобусите низ градот.
„До недела ќе бидат обучени 25 возачи, а од наредната недела ќе имаме нова тура обуки. Според договорот, возниот парк на ЈСП ќе добие 33 нови автобуси, што значи ќе биде потребно да се обучат од 60 до 100 возачи. Како ќе пристигнуваат возилата така ќе се врши обука. Месецов, новите автобуси ќе бидат дел од јавниот превоз во градот“, велат од ЈСП „Скопје“.
Досега во Скопје се стигнати 13 автобуси, десет единечни и три зглобни. Од претпријатието велат дека в понеделник од Хрватска во Скопје ќе стасаат уште три автобуси, со што половина ќе бидат испорачани. Единечните автобуси се со капацитет за 81 патник, а зглобните за 149 патници.
Како што велат од претпријатието, новите автобуси се многу поекономични за разлика од двокатните автобуси на нафта. Со еден од новите автобус годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески. Кога ќе стасаат сите 33 нарачани автобуси, заштедата за гориво годишно ќе биде околу 850.000 евра.
Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
А. АНТЕВСКА