Распадната е училницата каде пред 79 години за првпат во Македонија започна првата настава на мајчин македонски јазик, во кичевското село Подвис. Подот е пропаднат, ѕидот урнат, нема врата, а таванот е во распаѓање. Вака изгледа просторијата каде на 23 септември 1943, скоро цела година пред АСНОМ, во училиштето во Подвис учителот Василко Ристески им кажал на учениците дека ќе учат на македонски јазик користејќи наши, македонски зборови. Старата училишна зграда е регистрирано културно наследство од 15 декември 1978.
Во катстрофално лоша состојба е целото училиште во Подвис, каде наставата почна да се изведува на мајчин јазик само неколку дена по ослободувањето на Кичево. Објектот, што го посетивме непосредно пред празникот на антифашистичката борба 11 Октомври, наликува на хорор филм. Влезните скали се разурнати, дел од ѕидовите распаднати, а некаде распукани, таванот прокапува, на места е оголен, со искршени врати и прозорци. Срамна сегашност за некогашното славно минато. Единствено само спомен-плочата поставена за јубилејните 30 години од почетокот на наставата, која денес е продупена со куршум, веројатно ловџиски, а сместена во визбата, зашто претходно испаднала од ѕидот, сведочи дека школото е дел од македонската национална гордост.
„Уште се прашувам како покривот му одолева на целата негрижа. Секоја година со страв помислувам дека оваа ќе биде последна кога тој ќе се сруши, а со тоа ќе ни отиде и училиштето“, вели Бране Гавриловски, професор по математика од Кичево родум од Подвис, додека нè води кон школото во распаѓање.
Професорот е столбот на селото, жива енциклопедија за неговата историја, подготвува материјали за да објави книга за славното минато. Училиштето кое го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски е сместено во старото село до кое нема ни асфалт, туку само со земјен пат е поврзано со истоименото село кое се наоѓа подолу. До училиштето не води никаква патека, а онаа која некогаш постоела проголтана е од густата вегетација.
„Жал ми паѓа за училиштето, а горко чувство имам кога по телевизии ќе слушнам провокации дека македонскиот јазик и писменоста започнале во 1945 година. Демантот на тоа лежи во Подвис, училиштето е доказ дека не е така. Но, заборавено е и целосно се распаѓа, оставено на забот на времето. Малку треба да се стори за да се направи нешто. Да се пробие пат од стотина метри, тоа е еден булдожер да работи еден час. Досега иницијативи да се заштити училиштето имало од жители, интелектуалци од тука, но без завршеток. Која било држава да беше немаше да го остави вака. Ете, и нашите сограѓани Албанците да беа дали ќе го оставеа така храмот на писменоста? Ќе го обновеа и ќе ставеа чувари 24 часа“, вели Гавриловски.
Меѓу првите 23 ученици во школото бил и неговиот татко Драги, како и тетка му Менка која единствено е уште жива од сите првоученици на македонски јазик. Му раскажувале дека немале ни тетратки, туку пишувале на крижале – минијатурна табличка од едната страна исцртана за математика, а од другата со линии за македонски јазик.
„Жално е што еден таков музеј на македонската писменост се запостави. Државата треба да обрне внимание и да го заштити. Ние сме вложиле толку голем труд да го зачуваме селото, а со него и споменот за школото, за корените. Ние кажуваме Македонци сме, а не е зачувано местото кое било зародиш на јазикот во наставата“, вели Борче Ристевски, жител на селото.
Според неговите кажувања, првите зборови на мадкедонски јазик биле кога учителот ги отпоздравил учениците со паролата „смрт на фашизмот“, а тие возвратиле „слобода на народот“.
Селото Подвис е на шест километри од Кичевско, сместено во областа Горна Копачка, на десниот брег на реката Треска. Тоа претставува значајна одредница во повоената историја на Македонија поради првото училиште каде се одвивала настава на македонски јазик во 1943 година. Со тоа, на слободната територија Подвис ја продолжило традицијата на манастирот „Света Богородица Пречиста“ каде учениците се образувале на народен говор. Доказ е дека и пред создавањето на македонската држава постоеле училишта како упоришта на македонскиот идентитет.
Од Министерството за култура соопштија дека со оглед на состојбата во која се наоѓа старата училишна зграда, Министерството преку надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, во рамките на годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата имало одобрено средства за изработка на Проект за конзервација и реставрација на објектот.
„Проектот не е реализиран, па Управата за заштита на културното наследство го задолжи Националниот конзерваторски центар во 2021 година да изврши вонреден инспекциски надзор. Со оглед на реалната состојба, прикажана во Извештајот, Министерството за култура е во фаза на изнаоѓање интервентни начин за санација на објектот пред претстојната зима, во рамки на средствата за заштита на културното наследство за оваа година. Во фаза е постапката за прогласување на старата училишна зграда во Подвис за културно добро во опасност, со што стануваат достапни и средства од посебната ставка за оваа намена, а чија реализација, по изготвениот проект за конзервација и реставрација се предвидува за следната година“, соопштија од Министерството за кутура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА