Повеќе од една година мамографот во штипската Клиничка болница е расипан и не работи. Компјутерскиот мамограф од јапонско производство беше во функција две години откако се инсталира во октомври 2015. Дефектната графичка плоча е порачана пред една година, но до денес резервниот дел не е пристигнат.
„Ние постојано сме во контакт со единствениот овластен сервисер, делот е порачан но немаме информации зошто до денес не е добиен за да може мамографот повторно да се стави во функција. Од неразбирливи причини графичката плоча што треба да се смени сè уште ја нема. Резервниот дел од Јапонија до Штип патува точно една година. Некои апарати брзо се сервисираат, но за овој поправката трае многу долго. Не е до Јапонецот, најверојатно проблемот е некаде кај нас“, вели директорот Ален Георгиев.
Функционирањето на мамографот е од посебна важност не само за пациентите од Штип туку и за пациентите од останатите градови во Источна Македонија, посебно ако се знае дека ракот на дојката е причина број еден за смрттноста на жените во овој дел на државата. На ниво на Македонија, годишно се откриваат околу 1.000 новозаболени жени, а од нив најголем процент се од градовите во Источна Македонија. Пациентите од регионот речиси цела година бараат услуги во Свети Николе, Кочани и во Скопје.
Т. ЈОВАНОВСКИ