Седумчлен медицински тим од Кочани во наредните две недели ќе биде работно ангажиран на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје. Станува збор за пет медицински сестри и двајца медицински техничари, кои заедно со колеги од Кавадарци, Велес и Кичево ќе помагаат на вработените на Инфективната клиника за лекување болни со коронавирус.
„Барањето за ваква кадровска помош беше упатено од Министерството за здравство, а со оглед на тоа што Кочанската болница располага со квалитетен кадар, го прифативме барањето и веднаш извршивме прераспределба на работните ангажмани од Кочани во Скопје. Овој одлив на кадар нема да се одарази на работата во нашата болница“, вели директорот на Општата болница со проширена дејност во Кочани Александар Серафимов.
Ваквата прераспределба и помошта што медицинските лица од Кочани ќе ја пружаат на болните на Инфективна клиника во наредните две седмици, наиде на широка подршка од граѓаните на Кочани. На социјалните мрежи имаше голем број честитки за храбраста на медицинските лица од овој град кои прифатиле да заминат на работа во Скопје и при тоа е упатена голема благодарност до нив.
Стручна помош има и на Инфективното одделение во Штип, каде од оваа недела работи и еден доктор инфектолог од Струмица.
„Кога на почетокот на заразата со КОВИД-19 неколку медицински лица од Инфективното одделение во Штип беа заразени или во домашна изолација, на помош ни пристигна докторка инфектолог од Струмица. Сега кога во Штип пак се зголеми бројот на заразените, на помош пак пристигна докторката од Струмица“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.
Тојвели дека на Инфективно во Штип работно се ангажирани тројца инфектолози, а еден доктор специјализант е во домашна изолација поради контактот што го имал со заразена медицинска сестра. На штипското Инфективно одделение моментно се хоспитализирани 18 пациенти, а вчера еден пациент бил пуштен на домашно лекување.
Т. ЈОВАНОВСКИ