УНИВЕРЗАЛНА САЛА НЕМА ДА СЕ РЕНОВИРА НИТУ ГОДИНАВА, ШИЛЕГОВ И АЛАЃОЗОВСКИ ЛАНИ ЏАБЕ ПОТПИШАА ДОГОВОР

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА НЕМА ДА СЕ РЕНОВИРА НИТУ ГОДИНАВА, ШИЛЕГОВ И АЛАЃОЗОВСКИ ЛАНИ ЏАБЕ ПОТПИШАА ДОГОВОРНа 15 мај 2018 градоначалникот Петре Шилегов и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потпишаа договор и одржаа прес-конверенција на која рекоа дека на пролет 2019 ќе стартува реновирањето на концертната сала. (Фото: Град Скопје)

    Универзална сала нема да почне да се реновира ниту годинава, како што ветија лани градоначалникот Петре Шилегов и поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. Тие на 15 мај лани  потпишаа договор и одржаа прес-конференција на која рекоа дека на пролет 2019 ќе стартува реновирањето на концертната сала. Но, овој договор паѓа во вода, бидејќи за оваа година пари за таа намена не се предвидени, ниту од Град Скопје ниту од Владата.

    „Во буџетот на Град Скопје за 2019 година не се предвидени средства за оваа намена, бидејќи станува збор за капитална инвестиција која ќе се прави со средства со централниот буџет. Од аспект на проектот, Градот Скопје ќе поддржи проект за Универзалната сала, без разлика дали станува збор за реконструкција или изградба на нов објект, кој ќе ја зачува неговата автентичност и функционалност. Изградбата на нов објект за Универзалната сала отсекогаш бил проект кој ќе биде финансиран од страна на државата. Станува збор за капитален проект, кој би чинел десетици милиони евра и е трошок кој Град Скопје не може сам да го издржи“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

    Од Град Скопје не одговорија на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е избран проектот според кој во иднина би се градела салата. На прес-конференцијата лани, Шилегов кажа дека за салата има три проекти, но ниту еден од нив не бил соодветен и во наредниот период ќе се доразработуваат за да се избере најсоодветно решение.

    „Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Заради последниот проект кој не се знае од кого е нарачан, Универзална е во тешка финансиска состојба, должи 200.000 евра и нема средства за да го плати. Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече лани Шилегов.

    Универзална сала веќе три години е затворена за посетители. Вработени се 22 лица и директорот Филип Аврамчев, кои редовно одат на работа и земаат плата оти, како што велат од Градот, работат на други проекти кои ги организира Град Скопје.

    Министерството за култура кога министерка беше Елизабета Канческа-Милевска и Град Скопје кога градоначалник беше Коце Трајановски, неколку пати ги сменија плановите за нејзиното реновирање. Откако после неколку неуспешни обиди избраа проект за реконструкција и доградба на објектот, решија да се гради комплетно нова сала. Избраа идејно решение кое предвидуваше модерен објект во форма на јајце. Кусо време потоа се премислија, со образложение дека проектот јајце бил тежок за изведба па рекоа дека ќе ја прават според првичниот проект за доградба и реконструкција.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира