СКОПСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ НА СРЕДБА СО ЗАЕВ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ВО МОМЕНТОВ НЕ МОЖАТ ДА ИМ ПОНУДАТ ПОВЕЌЕ ОД МЕДИЈАЦИЈА ЗА ИСПЛАТА НА ПОБАРУВАЊАТА

    СКОПСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ НА СРЕДБА СО ЗАЕВ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ВО МОМЕНТОВ НЕ МОЖАТ ДА ИМ ПОНУДАТ ПОВЕЌЕ ОД МЕДИЈАЦИЈА ЗА ИСПЛАТА НА ПОБАРУВАЊАТА„Не им е позната медијацијата како можност да ги остварат правата. Но, мислам дека кога ќе се запознаат и кога ќе тргне првата спогодба и останатите ќе ја прифатат“, вели Шилегов. (Фото: Град Скопје)

    Претставници на синдикатите на Бригадата за противпожарна заштита попладнево ќе имаат средба со премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и градоначалникот Петре Шилегов. Пожарникарите и денеска протестираа пред канцеларија на градоначалникот Шилегов барајќи Град Скопје да почне да им исплаќа додаток на плата.

    Градоначалникот Шилегов вели дека во моментов тоа не е возможно, туку потребно е да почекаат до јуни кога ќе има измени во законот, а дотогаш им нуди преку медијација да им бидат исплатени досегашните побарувања.

    „Во акциониот план на Владата се предвидува менување на законот во 2021. Во меѓувреме, се обидуваме да помогнеме, да не одат по судски постапки туку во процес на медијација. Повеќе од тоа ниту можеме, ниту едноставно е возможно да се направи.  Секој има право да протестира и го почитувам тоа право. Минатата недела имавме индивидуални состаноци, не им е позната медијацијата како можност да ги остварат тие права. Но, мислам дека кога ќе се запознаат и кога ќе тргне првата спогодба и останатите ќе ја прифатат“, рече денеска градоначалникот Шилегов одговарајќи на новинарско прашање дали е најдено заедничко решение за проблемот.

    Минатата недела, скопските пожарникари излегоа на протест и најавија дека тој ќе трае додека не почне да им се исплаќа додаток на платата.

    На пожарникарите со законски измени од 2014 им е овозможено поради ризичноста на работното место да добиваат додаток на основната плата од 20 отсто. Но, оттогаш никогаш досега ваквиот додаток не им се исплаќал на пожарникарите, па затоа тие и го тужеле Градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира