Статиката на салата „Партизан“ во скопски Капрош е добра и може да се почне со реконструкција за нејзино враќање во употреба. Ова го покажа анализата на инженерите кои минатата недела вршеа проценка на статичката стабилност и употребливост на салата.
„Тимот беше предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер, како и компанијата ‘Адинг’. Притоа, стручните лица утврдија дека објектот е направен од армирано-бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба. Во доставениот извештај до Општина Карпош, се констатира дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и неговите инсталации ‘Партизан’ може повторно да се врати во функција“, велат од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.
Од Општината велат дека се работи на подготовка на основен проект, кој во себе ќе го интегрира идејното решение за изгледот на салата, кое беше избрано од граѓаните на Карпош. По завршувањето на основниот проект, ќе почнат градежните активности за реконструкција на салата, кои ќе бидат реализирани од Агенцијата за млади и спорт.
„ ‘Партизан’ ќе го задржи својот автентичен изглед и габарит, а додадена вредност ќе биде мултифункционалноста на овој спортски центар“, додаваат од Капрош.
Салата „Партизан“ која сега е разурната и напуштена е донација за Скопје од Франција по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
А. АНТЕВСКА