СТИГНАА УШТЕ 9 ЕКО АВТОБУСИ, СЕ НАДЕВАМЕ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЌЕ СЕ ПРЕМИСЛИ И ЌЕ СЕ ПУШТАТ ВО СООБРАЌАЈ, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“

    СТИГНАА УШТЕ 9 ЕКО АВТОБУСИ, СЕ НАДЕВАМЕ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЌЕ СЕ ПРЕМИСЛИ И ЌЕ СЕ ПУШТАТ ВО СООБРАЌАЈ, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“Кога ќе бидат пуштени во сообраќај автобусите од претпријатието не знаат, велат тоа зависи дали Министертсвото за финансии ќе им пребие ДДВ.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Уште 9 еко автобуси стигнаа денеска од Загреб во Скопје. Со тоа на ЈСП„ Скопје“ досега од германскиот производител МАН му се испорачани 25 од вкупно 33 автобуси на гас за јавниот превоз во градот. Автобусите во моментов се на царина и најдоцна до утре ќе бидат во гаражата на претпријатието.

    „Кога ќе бидат пуштени во сообраќај не можеме да кажаме. Поради актуелната ситуација со КОВИД-19, се соочуваме со финансиски потешкотии во работењето и затоа побаравме од Министерството за финансии да бидеме ослободени од плаќањето на ДДВ за возилата, односно да ни дозволат да се пребиеме со средствата кои ќе треба да ги добиеме по основ поврат на ДДВ. За жал, на барањето не добивме позитивен одговор. Сепак, се надеваме дека надлежните ќе имаат разбирање, ќе се предомислат и ќе ни излезат во пресрет, имајќи ја предвид нашата основна дејност, која е во интерес на граѓаните“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Министерката за финансии Нина Ангеловска во саботата на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не се излегува во пресрет на јавното претпријатие и не им се одговори позитивно на барањето за пребивање на данокот, рече дека станувало збор за системски данок и ќе дошло до нарушување во функционирањето на системот.

    „Разбирам дека претпријатието поради кризата има потешкотии во работењето, но ако ослободиме едно претпријатие од оваа обврска, тогаш и други ќе бараат. Автобусите се царинети, па му овозможивме друга флексибилност на ЈСП, односно наместо за 30 дена, му дадовме подолг рок да го плати ДДВ“, рече Ангеловска.

    Од почетокот на епидемијата на КОВИД-19 ЈПС „Скопје“ има загуби во работењето од 4,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари