ТЕНДЕРОТ ЗА ОБНОВА НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕН НАЈДОЦНА ДО ДЕКЕМВРИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РЕСЕН ТОЗИЕВСКИ

    ТЕНДЕРОТ ЗА ОБНОВА НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕН НАЈДОЦНА ДО ДЕКЕМВРИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РЕСЕН ТОЗИЕВСКИОва е првпат да има најави за конкретни активности за обнова на преминот затворен пред 57 години, а зафатот ќе биде дел од проектите „ЕУ за Преспа“ во висина од 14 милиони денари финансирани од ЕУ и УНДП и ќе се спроведат до 2027. (Архивска фотографија)

    Најдоцна до декември годинава ќе бид еобјавен тендерот за обнова и модернизација на граничниот премин на македонско-грчката граница Маркова Нога-Лемос во Преспа, кој е затворен 57 години, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски. Тој вчера го посети преминот кој е затворен од 1967 година заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, преставници на УНДП и градоначалникот на Општина Преспа, Грција, Јоргос Стергиу.

    Ова е првпат да има најави за конкретни активности за обнова на преминот, а зафатот ќе биде дел од проектите „ЕУ за Преспа“ во висина од 14 милиони денари финансирани од ЕУ и реализирани од УНДП, а ќе се спроведат во следните три години.

    Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски (последниот од десно) заедно со евроамбасадорот Гир и вицепремиерот Меџити вчера беа на преминот Маркова Нога. (Фото: УНДП)

    „Повикот за изградба на граничниот премин ќе се објави во декември. Засега е тоа опипливиот податок кој може да се соопшти. Тоа би било повик за избор на фирма за изградба на царинскиот дел, двете ленти за влез и излез, односно сè што подразбира граничниот премин. Може и порано да биде објавен и повикот за реконструкција на старата, постечка полициска станица на македонската страна“, рече Тозиевски.

    За време на нашиот телефонски разговор, тој беше заедно со првиот човек на Општината Преспа од грчка страна и зборуваа за важноста од отворањето на преминот за Преспанскиот Реагион од двете страни на границата.

    „Ова е крупен проект за двете страни. Ние делиме едно исто езеро. Ќе значи многу поголем развој на туризмот, комуникација на населението. Најважно од сè е што ќе возиме околу Преспанското Езеро наместо да се кружи како досега низ Битола и Лерин. Ја збогатуваме нашата туристтичка карта во Преспа“, рече Тозиевски.

    Според извори упатени во проектот, а кои бараат анонимност оти не се овластени да зборуваат за медиуми, обновата на граничниот премин треба да опфати изградба и опремување на царинските објекти, поставување на потребната контрола, сообраќај, водовод, канализација, електрична, телекомуникациска мрежа и осветлување и инфраструктура за непречено функционирање на граничниот премин. Истиот извор тврди дека сите предуслови се исполнети за отворање и модернизација на преминот, а обезбедени се дозволи за градби и европски пари. Останува активностите да се изменаџираат од двете страни и да се среди патот од еден километар кој е обраснат, а треба да ги поврзе двете држави.

    Вчера во Преспа, европамбасадорот Гир присуствуваше на промоцијата на проектите што ќе бидат финансирани од ЕУ и делумно од УНДП, „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“. Тој рече дека се залагаат да се отвори што е можно поскоро преминот, но не може да презицира датум.

    „Дел од финансиската помош која ја обезбедува ЕУ во програмата за прекугранична соработка се фокусира на отворањето на граничниот премин со цел директен контакт за соработка меѓу двете страни. Прво треба да се изгради зградата од страната на Северна Македонија и потребни се и некои други инвестиции на грчката страна. Се работи за многу сериозна инвестиција, но јас се надевам дека отворањето на преминот, за кој немам точен датум да ви кажам кога би се отворил, но намерите и на властите во Северна Македонија, Грција и Европската комисија се да се отвори што е можно поскоро“, рече Гир.

    Отворањето на преминот го најавија еден куп политичари, од Зоран Заев, Алексис Ципрас, Јоргос Папандреу, Александар Димитров и Никола Димитров и градоначалници… Од 2018 досега се калкулираше со термини. Но, факт е дека поминаа шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, а уште не се дигна рампата на Маркова Нога. Најави дека преминот ќе се отвори и дека ЕУ ќе го помогне со 4,5 милиони евра имаше уште пред пандемијата.

    Преку Маркова Нога-Герман некогаш се минувало само со лична карта, но во 1967 година беше затворен со политичка одлука од страна на Грција. Последното село на македонска страна Долно Дупени тогаш имаше 700 жители, а денес ни 100. Најблиското село од другата страна е Раби на два километра. Но, за да се стигне дотаму, се врти преку граничниот премин Меџитлија дури 100 километри.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира