Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска ја виде разурнатата и уништена спортска сала „Партизан“, која е донација на француската влада за обнова на Скопје после земјотресот во 1963 година.
Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев го прошета амбасадорот Тимоние низ салата, на која денеска, 50 години подоцна, како земјотрес да ѝ се случил, со исти размери како оној катастрофалниот кој го разурна Скопје и поради кој таа беше изградена.
„За жал ова е салата ‘Партизан‘. Внимавајте оти насекаде по подот има скршени стакла“, му рече Богоев на Тимоние.
Богоев му раскажа на Тимоние дека салата е дадена на приватен партнер и дека во тек е постапка за раскинување на договорот за да може Владата да ја даде во владение на Општината.
„Оваа сала е симбол на Скопје и ние ќе направиме сѐ да ја обновиме и овој објект повторно да биде култно место за младите во градот. Многумина мислат дека салата е оставена да се уништини за да може потоа да се градат станбени згради, но ги уверувам граѓаните дека тоа нема да се случи. За жал, како Општина немаме пари сами да ја обновиме, но ќе бараме помош преку странски фондови. Ако и тоа не успееме, ќе се собереме сите граѓани и сами ќе ја изградиме“, му кажа Богоев на Тимоние.
Амбасадорот Тимоние рече дека сите информации за салата ќе ги достави до надлежните во неговата земја.
„Ова е прв чекор. Дојдовме овде да ја видиме салата која е донација на мојата земја. Знаете дека Франција помага на земјите од Западен Балкан. Но, сѐ уште е рано да зборуваме за некаква помош. Ова е процес кој почнува со запознавање со објектот и проблемите поради кои е нефункционален“, рече Тимоние.
Богоев вели дека очекува пролетва да заврши постапката со преземање на салата и дека сѐ уште немаат проценки колку би чинело реновирањето.
- САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ РАСПАЃА, РАЗУРНАТА И ЗАПАЛЕНА
-
ВЛАДАТА И ОПШТИНА КАРПОШ НАЈАВУВААТ СПАС И ОБНОВА НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“
А. АНТЕВСКА