ЦРТААТ УЛИЦА ВО ШКОЛСКИ ДВОР ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДАТ 11-КАТНИЦИ, ПЕТИЦИЈА НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВЛАЕ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАН

    ЦРТААТ УЛИЦА ВО ШКОЛСКИ ДВОР ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДАТ 11-КАТНИЦИ, ПЕТИЦИЈА НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВЛАЕ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАНСо пробивањето на новата улица пристапот до основното училиште „Димо Хаџи-Димов“ ќе биде целосно небезбеден за децата. (Фото: Компјутерски модел за планот)

    Жителите на населбата Влае во Скопје почнаа со собирање потписи против новиот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Влае 2. Очекуваат Општина Карпош наскоро повторно да ја почне постапката за носење на овој план, откако лани во март,  кога беше презентиран,  планот наиде на остри реакции од жителите.

    Жителите организирани во групата „Борба за Влае“ велат дека со измените, Општината и градоначалникот Стевчо Јакимовски ќе направат бетонизација на населбата, а со пробивањето на новата улица пристапот до основното училиште „Димо Хаџи-Димов“ ќе биде целосно небезбеден.

    Градоначалникот Стевчо Јакимовски лани по презентацијата на планот и острите реакции на жителите, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека градењето на згради кај кино Влае е согласно законот и Генералниот урбанистички план (ГУП) и не може таму да се нацрта трева.

    Според ДУП-от кој беше ставен на јавна анкета лани во март, се предвидуваат згради на просторот на некогашно кино Влае, односно зад автобуската станица на булеварот Партизански одреди. Зградите ќе бидат со приземје и висина од 6 до 10 ката. Парцелата за маркички за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план, се предвидува улицата да се пробива зад киното односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

    „Децата од Влае и околните населби секојдневно одат во основното училиште ‘Димо Хаџи Димов’. Поминуваат многу улици кои претходно биле слепи и со помалуброен сообраќај. Наместо да се преземат активности за заштита на безбедноста на децата, Општина Карпош дополнително планира улицата Есперанто да ја исправи и да ја донесе веднаш до училиштето, со што децата ќе ги опкружи со две многу прометни и опасни улици. Улицата Есперанто во минатото била проектирана со завој и подалеку од училиштето со цел да се оддалечи сообраќајот од училиштето, природно да се забави сообраќајот и да се заштитат децата. Со исправање на таа улицата брзината на возилата ќе се зголеми, ќе се зголемат издувните гасови и бучавата до училиштето, а децата ќе бидат изложени на зголемен ризик од сообраќајот“, велат од групата „Борба за Влае“ кои ја почнаа петицијата против овој ДУП.

    Граѓаните велат дека намерите на Општината и градоначалникот Јакимовски за ваквата активност, за која ќе се одделат огромни средства од општинскиот буџет, се јасни. Согласно предложениот ДУП за градска четврт C13 19, се планира земјиштето од постоечката траса на Есперанто, заедно со околното државно градежно земјиште, да се додаде на веќе посточеката парцела од 2.575 метри квадратни во приватна сопственост (сегашни бараки кај кино Влае). Со тоа ќе се добие парцела од 4.443 метри квадратни за изградба на кули од П+10 со огромен габарит.

    „Дополнително, за да се оствари ова исправување на улицата потребно е рушење на кујната на училиштето, како и јужната ограда, сечење на огромни дрвја и одземање на дел од школскиот двор. До кога граѓаните и нивните деца како најосетлива категорија ќе бидат заложници на градежната мафија?“, велат од „Борба за Влае“.

    Тие бараат Град Скопје и неговите советници да го повлечат Регулацискиот план донесен во 2021 кој наметнува исправување на улицата Есперанто, а од Општина Карпош и нејзините советници да ја остават улицата со сегашната траса и да не дозволуваат доокрупнување на имотот кај сегашните бараки на Кино Влае заедно со старата траса на улицата и со тоа да се спречи овозможување градба на новите 11-катници.

     

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира