ВИСОКАТА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ВО БИТОЛА НЕМА ВОДА И СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА

    ВИСОКАТА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ВО БИТОЛА НЕМА ВОДА И СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈАВо почетокот на август почна реновирање на школата кое не е уште завршено, а наставата започна иако нема ни вода, ни дезинфекциски средства, ни санитарни јазли. (Фото: СДК.МК)

    Високата медицинска школа (ВМШ) од Битола со месеци е без вода, а нема ни средства за дезинфекција, во услови на пандемија со ковид-19 кога според пропишаните здравствени протоколи во установите задолжително е одржување на хигиена, се пожалија редовни професори.

    „Во една ваква криза со коронавирус вистински се срамам, бидејќи Високата медицинска школа во Битола едуцира кадри за здравствените струки и ова е недозволено, пет-пест месеци нема вода, нема тоалети. Во мојот кабинет има еден прст прашина. Дезинфекциони средства нема ни едно. Ситуацијата ја прели чашата, ова е државна институција, не може да се гонат угостителите, а државата да ги остави своите институции, односно раководителите на тие институции, да покажуваат крајна негрижа“, вели Томе Наумов, долгогодишен професор по екологија.

    Тој уште се пожали дека во неговиот кабинет нема ни интернет врска, а за Високата медицинска школа рече дека работи без да го исполнува основниот законски услов, да има 10 редовни професори, но затоа има повеќе административци отколку наставен кадар.

    „Сега имав предавање по епидемиологија, почнавме денес физички со дистанца. Јас предавам епидемиологија и инфектологија во оваа институција, а нема ни вода, ни дезинфекциски средства, ни санитарни јазли, апсолутно нема услови. Дури и да нема физичка настава, имавме испити, има вработени во школата, администрација, доаѓаат студенти, мора да има обезбедени услови за хигиена“, рече професорката Снежана Стоилова.

    Додека денес нашата новинарска екипа беше во просториите на Високата медицинска школа, шишињата во кои требаше да има средства за дезинфекција без празни, а над нив имаше прикачено натпис „задолжителна дезинфекција“. На интернет страницата на Школата, пак, како редовни професори наведени се само деветмина.

    Директорката на Високата медицинска школа, професорката Домника Рајчановска, со допис до медиумите на обвинувањата  одговори дека Високата медицинска школа по завршувањето на јулската испитна сесија (25 јули 2020), во почетокот на август започна со градежно-занаетчиски активности за санација на санитарните јазли, кои не беа реновирани последните 30 години и беа во супстандардна состојба.

    „За време на оваа состојба за сите вработени во Школата и странки е обезбеден санитарен чвор, со вода и дезинфекциони средства во останатиот простор во Школата. Активностите се во завршна фаза, и очекуваме да завршат до крајот на тековната недела. Од почетокот на пандемијата, ВМШ ги почитува и спроведува сите протоколи за заштита според уредбите на Министерството за здравство и Комисијата за спречување и заштита од заразни болести“, пишува во одговорите на директорката Рајчановска.

    За обвинувањата за недостиг на наставен кадар, таа одговори дека Школата функционира со акредитирани студиски програми на прв и втор циклус студии, во согласност со Законот за високо образование.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира