ВЛАДАТА ДОЗВОЛУВА ВОДНО ДА СЕ УНИШТИ, ВЕЛАТ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТ

    ВЛАДАТА ДОЗВОЛУВА ВОДНО ДА СЕ УНИШТИ, ВЕЛАТ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТПоради константното игнорирање на нивните ставовите и барања Водно да биде заштитено, од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ велат дека се принудени планината да ја бранат со сите средства кои им стојат на располагање и ги повикуваат граѓаните утре да им се придружат на протестот под мотото „Не низ Водно“ (Фото: Фејсбук)

    Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ утре во 10.30 часот на врвот на Водно во близина на Милениумскиот крст ќе одржи протест против изградбата на гасоводот низ парк шумата. Од граѓанската иницијатива велат дека нивните средби со претставници од Владата не дале резултат, па и понатаму не се отстапува од идејата трасата на гасоводот да минува низ шумата.

    Поради константното игнорирање на нивните ставовите и барања Водно да биде заштитено, велат дека се принудени планината да ја бранат со сите средства кои им стојат на располагање и ги повикуваат граѓаните утре да им се придружат на протестот под мотото „Не низ Водно“.

    „И покрај десетината средби кои граѓанската иницијатива ‘Го сакам Водно‘ ги имаше со претставници на Владата, на Град Скопје и МЕР, не успеавме да ги разубедиме во намерата за уништување на Водно, сечење на шумата која оди по сртот и уништување на биодиверзитетот со цел изградба на дел од гасоводната траса кон Тетово, Гостивар и Косово, со опасност од формирање на сериозни свлечишта кои ќе го загрозат животот на жителите на селата во подножјето на Водно. Иако во неколку наврати им докажавме дека податоците со кои располагаат за трасата и штетата која ќе биде причинета на Водно, кое инаку е заштитено подрачје, им се погрешни, како и дека постои и е можна алтернативна траса по северната страна, Владата останува на ставот, Водно да биде жртвата на лошата стратегија во секторот на животната средина“, велат од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

    Трасата на гасоводот е предвидено да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево. Граѓанските иницијативи бараа од Владата да се промени трасата, односно гасоводот да се гради од северната страна на планината.

    Но, од Владата не отстапуваат од планот градежните работи за гасоводот да се одвиваат по јужната страна на планината. Од таму велат дека гасоводот ќе се гради на јужната страна, но со изменета траса со што ќе се намали уништеното зеленило.

    На 15 август, граѓанските иницијативи испратија и писмо до канцеларијата на Европската унија во Скопје, во кое ги информираат за состојбата со парк шумата Водно и штетата која ќе ја предизвика изградбата на гасоводот.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира