ВМРО-ДПМНЕ СЕ ПРЕМИСЛИ, ЈА ПОВЛЕЧЕ ТОЧКАТА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ ВО СКОПЈЕ ДОНЕСЕНИ ОД СДСМ

    ВМРО-ДПМНЕ СЕ ПРЕМИСЛИ, ЈА ПОВЛЕЧЕ ТОЧКАТА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ ВО СКОПЈЕ ДОНЕСЕНИ ОД СДСМСекторот за комунални на Градот кажа дека нема ништо спорно во носењето на одлуката за промена на имињата која сега советниците бараат да се поништи. (Фото: СДК.МК)

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје синоќа се премислија и ја повлекоа вонредната точка да се поништат имињата на улици, мостови и плоштади ставени од минатото раководство предводено од ексградоначалникот Петре Шилегов.

    На почетокот на седницата, советничката Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека бара да се поништи одлуката, бидејќи имало неправилности и недоречености во одлуката со која се сменија имињата односно на дел од улиците се вратија старите имиња. За барањето на Андоновска, покрај советници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа и четири членови на Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива, по што беше ставена како 20 точка на дневен ред.

    Кога точката дојде на дневен ред, помошник-раководителот на Секторот за комунални дејност Драги Митковски кажа дека нема ништо спорно во носењето на одлуката за промена на имињата која сега советниците бараат да се поништи со образложение дека имало неправилности.

    „Изготвувач на таа точка беше Секторот за комунални работи и усвоена е на 30 март 2021 година и тука нема ништо спорно. Меѓутоа, имајќи го предвид денешниот тек и начинот на предлагање на точката со која се бара поништување на постојната одлука, со цел да истата добие во квалитет, предлагам и замолувам истата да биде преработена и усогласена и како таква да се предложи на некоја наредна седница на Советот“, рече Митковски.

    После ова точката беше тргната од дневен ред.

    Во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов се сменија имиња на 570 имиња на улици, мостови и плоштади во Скопје, за како што тогаш рече, да се исправи грешката која беше направена од ВМРО-ДПМНЕ кога во Скопје беа избришани имиња  кои се битието на градот. Така се вратија старите имиња на Ленинова која во времето на ВМРО-ДПМНЕ стана Аминта Трети, Железничка која беше Јордан Мијалков, а 4 Јули Борис Сарафов. Се вратија имињата и на Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира