ЗА ЧИЈА БИЛО ДИВОГРАДБА ЗА КОЈА ИМА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЌЕ НЕМА СПАС, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ГЕОРГИЕСКИ ПО БАРАЊАТА НА УНЕСКО

    ЗА ЧИЈА БИЛО ДИВОГРАДБА ЗА КОЈА ИМА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЌЕ НЕМА СПАС, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ГЕОРГИЕСКИ ПО БАРАЊАТА НА УНЕСКОГеоргиески кажа дека Нацрт-извештајот на УНЕСКО ја отсликува реалната слика на состојбите во Охрид и дека Општината нема регистер на нелегално изградени објекти, но ќе го направи во наредниве 30 дена (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид има околу 700 нелегални градби, но за секоја дивоградба за која има кривична пријава ќе нема спас, па било чија да е, рече на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, говорејќи за Нацрт-извештајот на УНЕСКО со кој се препорачува природното и културното наследство на Охридскиот Регион да се стави на Листата на загрозено светско наследство поради неодмерената градежна експанзија и загадување.
    Извештајот треба да биде разгледан на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули.

    Градоначалникот Георгиески  на прес-конференцијата рече дека проблемот со нелегалната градба е урбанистички и социјален, но тука има и бизнис интереси.

    „Ние секој случај посебно ќе го разгледуваме и кога ќе ја утврдиме фактичката состојба ќе нема селективна примена на решенијата“, кажа Георгиески.

    „Долгогодишното катастрофално управување со Охрид резултира со сегашната состојба. Несоодветни законски решенија, задоволување на политички и финасиски интереси на одредени моќници, како и непринципиелните институции со години наназад се рак-рана на Охрид но и на државата. Нам ни останува да ја запреме натамошната девастација и деградација на Охрид и да поправиме дел од штетите од минатото“, рече Георгиески.

    Тој кажа дека Нацрт-извештајот на УНЕСКО ја отсликува реалната слика на состојбите во Охрид.

    „Ние навистина немаме регистер на нелегално изградени објекти, но си презедовме обврска тоа да го направиме во наредниве 30 дена. Потребна ни е и законска рамка за мораториум за градба на крајбрежјето. Сѐ уште немаме законска основа за една таква одлука Потребна е и изработка на детални урбанистички планови за старото градски јадро, но тоа не зависи само од Општината“, кажа Георгиески.

    Градоначалникот најави дека најверојатно и тој ќе оди на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира