Законот за јавни набавки нема да важи за трошењето на парите за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. За овој проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски.
Денеска до Собранието по скратена постапка е доставен Предлог на закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ со кој се предлага и основање на Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Во Предлог-законот стои : за набавките на стоки, услуги и работи што ги врши Фондацијата не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки. Набавките од ставот (1) на овој член се спроведуваат согласно со начелата на транспарентност, економичност, ефикасност, еднаков третман и недискриминација, како и согласно со интерни упатства донесени од Одборот на Фондацијата.
„Фондацијата изготвува план за набавки што ќе се спроведуваат согласно со овој закон, кој го усвојува Одборот и се објавува на веб-страницата на Фондацијата. Одборот донесува решение со кое се овластува лице – носител на набавката за спроведување, потпишување и реализација на постапката за набавка За спроведување на постапките за набавки согласно со овој закон се формирапосебна Комисија за набавки согласно со член 23 од овој закон. Фондацијата изготвува интерни упатства за планирање, спроведување, доделување и следење на реализацијата на договорите и управување со ризици поврзани со набавките кои ги објавува на својата веб-страница . По приговори во постапките одлучува Одборот на Фондацијата во рок од пет дена од денот на приемот на приговорот. Одборот за секоја набавка согласно со овој закон формира Комисија за набавки составена од 5 члена. Претседателот и членовите на Комисијата може да бидат ангажирани по договор на дело. Комисијата може да ангажира домашни или меѓународни експерти како надворешни стручни лица кои и помагаат на Комисијата при подготовката на постапката и при евалуацијата на понудите“ стои во Предлог-законот.
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ Е ДИРЕКТОР НА ФОНДАЦИЈАТА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“
- ДВЕТЕ ГЛАВНИ ЛОКАЦИИ, ПОШТА И УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ИЗГОРЕНИ, А ОСТАНА УШТЕ ГОДИНА И ПОЛ ДО „СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА“
- ОБЈАВЕН ПРВИОТ КОНКУРС ЗА КУЛТУРНО-УМЕТНИЧКИ ПРОЕКТИ ЗА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“, БУЏЕТОТ Е ВКУПНО 300.000 ЕВРА
Од политичката партија Левица реагираа дека со овој Закон, Ѓорѓиевски и Цветковски го претвораат во приватен проект „Скопје Европска престолнина на културата“.
„Наместо закон што ќе воспостави највисоки стандарди на транспарентност и отчетност за проект финансиран речиси целосно со јавни средства, пред пратениците се наоѓа текст што отвора бројни дилеми и сериозни сомнежи. Станува збор за јавни средства на граѓаните, па затоа е очекувано за нивното трошење да важат најстрогите правила на јавна контрола. Наместо тоа, Предлог-законот предвидува Фондацијата да не подлежи на Законот за јавни набавки, односно правилата за набавки да ги утврдува самата Фондација, а контролата врз постапките останува концентрирана во нејзините органи. Со тоа се создава систем во кој институцијата што располага со јавните средства во голема мера сама ги определува правилата според кои ќе ги троши“, велат од Левица.
Град Скопје ја формираше Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата“ на 28 јануари, а во јуни за директор го назначи Цветковски, кој дотогаш 15 години раководеше со МРТ.
Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање на седница на Советот на Град Скопје како е избран Цветковски на оваа функција, рече дека тој е личност со сериозно искуство.
„Марјан Цветковски го познавам долги години. Сметам дека е човек со сериозно искуство и убеден сум дека ќе даде одлични резултати“, рече Ѓорѓиевски.
- СЕ КРИЕ ПРОГРАМАТА ЗА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОЈ Е ВО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО
- ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ПРИКАЖАЛЕ ШТО ДОСЕГА Е СРАБОТЕНО
- СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2028 ГОДИНА
Град Скопје во февруари го објави првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра. За резултатите од конкурстот уште нема никакви информации во јавноста односно не е соопштено кои проекти се избрани и по колку пари ќе добијат.
Во септември 2023, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.
Oфицијалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори.
А. АНТЕВСКА



