Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ), синоќа испиша историја во Виена, со големото отворање во музејот Кунстхале на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“ со дела од уникатната колекција на МСУ. Над 1.000 посетители синоќа дојдоа на изложбата која ќе биде отворена до 28 јануари 2024.
„Галерискиот простор на Кунстхале, буквално беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. На 1.000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот.
Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика“, велат од МСУ.
На официјалното отворање на изложбата говореа двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина, и беа поздравени од посетителите со громогласни аплаузи и извици за поддршка.
„Монументална изложба, чиста емоција, извонреден колорит, моќни дела и сликовит приказ за солидарноста“, возбудено коментираа посетителите синоќа.
На отворањето во Виена беа и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и евроамбасадорот Дејвид Гир, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија.
Современите уметници вклучени во изложбениот проект, Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), синоќа беа во центарот на вниманието. Тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа.
Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Попладнево уметниците ќе водат и тура за посетителите.
Вчера, пред отворањето се одржа и прес-конференција пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, на која говореа Гаќина и Саболовиќ.
Изложбата која ќе биде отворена до почетокт на следната година, а според искуствените статистики кои ги има Кунстхале Виена, се предвидува да ја погледнат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет.