„Ме боли кога ќе речат дека оваа земја нема иднина“, рече синоќа Игор Џамбазов на концертот „Силно светнал ден“ во Охрид, со кој започна музичкиот караван по повод 35 години од независноста на Македонија.
Актерот и шоумен беше водител на мјузиклот во режија на Дејан Пројковски, заедно со актерката Драгана Левенска, на стадионот „Билјанини извори“. Настапија над 120 уметници: пејачи, музичари и танчари во кореографија на Олга Панго. Џамбазов го рецитираше „Тешкото“ на Блаже Конески, потсети на дела на Горан Стефановски, а највпечатлив беше во познатиот благослов на Манданата од филмот „Мис Стон“ кој во 1958 година го сними неговиот дедо, легендарниот актер Петре Прличко.
Во еден дел, Џамбазов рапуваше и танцуваше со младите танчари, а во публиката коментираа дека никој друг не можеше да води такво шоу како него.

Петар Младеновски од „Суперхикс“, Димитар Андоновски, Александар Тарабунов, Бојан Стојков и Дарко Гроздановски пееја навивачки песни. (Фото: СДК.МК)
„Ваши се и Охрид и Струга, и Лондон и Цариград и Мачу Пикчу и Кинескиот Ѕид, ваши се градот на Вардар и македонскиот јазик и Блаже Конески и сета македонска книжевност. Тоа треба да го чувате, да нè дочувате, да се сочувате“, им рече тој на младите танчари кои рапуваа стихови од познати македонски поети.
Еден од највеселите и најеуфоричните настапи беше блокот навивачки песни кои ги пееја Петар Младеновски-Пеце од „Суперхикс“, Димитар Андоновски, Александар Тарабунов, Дарко Гроздановски и Бојан Стојков. Извикувајќи: „Македонија“, Пеце Младеновски се симна во публиката со црвено-жолт дрес и шал.
Настапија легендарниот Драган Мијалковски, Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, Елена Ристеска, Ана и Игор Дурловски, Бранко Николовски од „Фолтин“, Зуица Лазова, Полина Тасева, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Ана Петановска која ги пееше и придружните вокали, Ружица Милошевска-Брчиоска, Таско, „Некст Тајм“, Тони Зен, Јанг Дади и Мина Блажев. Повеќето од нив испеаја евергрини од поп музиката.
Хитот на Маријана и Росана, „Признавам“ го пееја талентираните млади пејачки Лина Пејовска и Марија Спасовска, а во публиката се коментираше зошто не го пејат оригиналните пејачки. Маријана Новачевска која живее во Австралија во моментов е на одмор во Македонија. И во песната „Виолина и гитара“ од Дуле и Коки не настапи Никола Јанков-Коки, а песната „Сонце за три света“ од Мики Јовановски-Џафер ја испеа Ана Дурловски.
Џамбазов, заедно со хор, ја испеа „Црно тиквешко“ во чест на Владо Јаневски кој почина на 28 јуни, а се испејаа и неколку песни од Тоше Проески. Освен евергрини, се пееја и популарни македонски народни песни.
Публиката во Охрид со голем аплауз го испрати музичко-сценскиот перформанс, кој ги спои сите важни моменти од 35 години независна Македонија.

Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и Димитар Андоновски испеаја сплет македонски народни песни. (Фото: СДК.МК)
Караванот продолжува на 11 август во Битола, на 12 август во Велес.
Од „Авалон“, која заедно со Владата се организатори на серијата настани по повод Денот на независноста, 8 Септември, рекоа дека караванот завршува на 4 септември во Скопје, а во меѓувреме ќе се објават и датумите за другите градови.
Владата и „Авалон продукција“ сѐуште немаат објавено колку ќе чини прославата.
Прславата на 35 години независност ќе кулиминира со настапот на Дејвид Гета на 8 септември на стадионот „Тоше Проески“, по музичкиот спектакл на 1 септември на Плоштадот Македонија во Скопје на кој главна ѕвезда ќе биде шпанскиот тенор Хозе Карерас.
- ДЕЈВИД ГЕТА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА МУЗИЧКА ЅВЕЗДА НА ПРОСЛАВАТА НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА
- ВЛАДАТА НЕ ОТКРИВА КОЛКУ ЌЕ ЧИНАТ НАСТАПИТЕ НА ГЕТА И КАРЕРАС, ВЕЛИ ПОРАДИ ДОГОВОРНИ КЛАУЗУЛИ ЗАСЕГА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАВАТ СИТЕ ДЕТАЛИ
- ХОСЕ КАРЕРАС ЌЕ ПЕЕ СО МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧКИ ЅВЕЗДИ НА 1 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ ВО ЧЕСТ НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСT
М. ЏАРОВСКА









