ОД ВЛАДАТА ИСЧЕЗНА СЛИКА ОД ПЕТАР МАЗЕВ

    ОД ВЛАДАТА ИСЧЕЗНА СЛИКА ОД ПЕТАР МАЗЕВСликата е масло на платно од 1981, и е дел од списокот од 26 дела, сопственост на Националната галерија на Македонија (НГМ) кои на реверс пред 18 години ѝ биле позајмени на Владата. Националната галерија во повеќе наврати во изминатите години барала да изврши увид во делата, но велат оттаму велат дека не добивала влез во Владата, додека на чело беше ВМРО-ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

    Исчезната е слика од Петар Мазев од Владата на Република Македонија, потврди директорот на владината Служба за општи и заеднички работи на(СОЗР) Пеце Мирчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК. Сликата е масло на платно од 1981 година, и е дел од списокот од 26 дела, сопственост на Националната галерија на Македонија (НГМ) кои на реверс пред 18 години ѝ биле позајмени на Владата.

    Националната галерија во повеќе наврати во изминатите години барала да изврши увид во делата, но оттаму велат дека не добивала влез во Владата, додека на чело беше ВМРО-ДПМНЕ. Со промената на Владата, НГМ, откако повторно упати барање до кабинетот на премиерот Зоран Заев, СОЗР изврши увид.

    Најверојатно е дека сликата на Мазев исчезнала кога почна да се прави новиот ентериер на владината зграда на крајот на 2014, за чие уредување Владата на Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра. Дел од новиот ентериер меѓу другите нови слики, насликани од руски и украински сликари, се и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно, од кои најголем е оној на Груевски.

    Најверојатно е дека сликата на Мазев исчезнала кога почна да се прави новиот ентериер на владината зграда на крајот на 2014, за чие уредување Владата на Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра. Дел од новиот ентериер меѓу другите нови слики, насликани од руски и украински сликари, се и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно, од кои најголем е оној на Груевски (Фото: СДК.МК)

    „Увидот е завршен. Извршен е попис на 25 дела од списокот на галеријата, единствено недостасува делото на Мазев. Според наши информации, таа слика од поодамна не е во групата заедно со овие дела. Сепак, ние ќе се потрудиме да ја најдеме трагата и да дојдеме до сликата. Почната е процедурата за одобрување на влез на тимот од НГМ која е посложена, и деновиве тие ќе добијат дозвола за стручниот увид во делата. Сликите беа главно сортирани во депоата, но и по кабинети во Владата“, ни рече директорот на СОЗР Мирчевски.

    Директорката на Националната галерија Дита Старова Керими ни рече дека не сака да се навраќа што било работено пред нејзиниот мандат, но откако е таа на оваа фукнција вели, има барање до Владата, како и до други институции за ревизија на делата кои се во нивна сопственост, а кои не се во самата институција.

    „Кога дојдов на функцијата директор на НГМ, сметав дека е неопходно, според Законот за културно наследство, и според тоа што наша примарна дејност е музејската, да направиме ревизија на сите дела кои се во сопственост на галеријата, а кои се на реверс позајмени во други институции. Така беше и за овие 26 дела позајмени на Владата“, вели директорката Дита Старова Керими, која на ова место е година и пол.

    Таа вели дека Галеријата во 2014 година има потврда од Владата дека делото на Мазев треба додатно да се побара.

    Старова Керими која додава оти е неопходно да се види каде и во каква состојба се делата во нивна сопственост.

    „Од мината Влада не добивавме влез за да извршиме увид во делата. Затоа, испративме ново барање и до новиот состав на Владата, од каде што ни рекоа дека е отпочната процедурата и дека деновиве ќе добиеме влез за да направиме увид. Сѐ додека не влеземе во Владата не можеме да даваме никакви официјални информации, а тоа се однесува и за делото на Петар Мазев. Ние сѐ уште немаме официјална информација дека таа слика не е меѓу оние кои во 1999 година ѝ биле позајмени на Владата. Тоа дело додатно ни е потребно и за големата ретроспектива што за Мазев ја подготвуваме во октомври, а по повод  90 години од неговото раѓање“, вели Старова. Таа не сака да верува дека сликата е изгубена, едноставно вели само треба да се оди по нејзиниот траг и „можеби е во некоја друга институција“.

    Од галеријата ќе излезат со официјални информации за состојбата на делата по нивниот увид, а се работи за уметники дела од кои речиси половината се од прва категорија и се од автори доајени и основоположници на современото македонско сликарство.

    Владината зграда е изградена во 1970 и беше еден од најдобрите примери на македонската модерна архитектура. Промената на надворешниот изглед на Владата почна во 2011,  без согласност за изведба на проектот од оригиналниот автор на објектот Петар Муличковски. Со реновирањето е променета фасадата, ентериерот и оградата, за што владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потрошила 21,9 милиони евра. Модерната и во ентериерот е заменета со лажен неокласичен микс на Версај и Кремљ  што го одобри Груевски и во кој тој работеше со својот тим до оставката на 15 јануари, 2016.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира