Најголемите хитови на групата „Квин“ вчеравечер го наполнија Градскиот парк во Скопје. Македонската филхармонија, хорот на Македонската опера и балет и трибјут бендот „Квин рил трибјут“, на двочасовниот концерт со специјални аранжмани ги потсетија скопјани на добро познатите хитови на легендарната рок група.
Вокалот на бендот „Квин рил трибјут“, Иван Ристановиќ, облечен во костими какви што носел на концерите и по кој беше препознатлив легендарниот Фреди Мекјури, уште од стартот на концертот беше поздравен со аплаузи од публиката. Атмосферата се вжешти со еден од најголемите хитови на „Квин“ песната „Барселона“, која заедно со него ја изведуваше оперската певица Весна Ѓиноска-Илкова.
„Квин“ освен Скопјани од вип ложата во парк го слушаа и премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот Бујар Османи, како и гостите на градоначалникот Петре Шилегов, градоначалниците на Атина Јоргос Каминис, на Загреб Милан Бандиќ и на Приштина Шпенд Ахмети.
Концерот беше во организација на Град Скопје, Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија, како дел од лената културна програма на Градот.
А. АНТЕВСКА