МАЈКА МИ ГЛАСАЛА НА РЕФЕРЕНДУМОТ И ОТИШЛА ДА СЕ ПОРОДИ, ВЕЛИ ВРСНИЧКАТА НА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА, 30-ГОДИШНАТА КЕТИ КОСТОВА ОД РОСОМАН

    МАЈКА МИ ГЛАСАЛА НА РЕФЕРЕНДУМОТ И ОТИШЛА ДА СЕ ПОРОДИ, ВЕЛИ ВРСНИЧКАТА НА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА, 30-ГОДИШНАТА КЕТИ КОСТОВА ОД РОСОМАНКети Костова, по потекло од Градско, е родена на 8 септември 1991 во Велес, на денот кога Република Македонија стана независна/ Костова со мајка ѝ. (Фото: Приватна архива)

    Неполн час откако моите родители гласале на референдумот за независност на Македонија, мајка ми добила породилни болки и за кратко време ме родила, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Кети Костова од Росоман. Костова денес слави јубилеен 30. роденден заедно со државата.

    По потекло од Градско и со моминско презиме Јорданова, таа е родена на 8 септември 1991 во Велес, на денот кога Република Македонија стана независна, откако 95% од граѓаните што излегле на референдумот, позитивно одговориле на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.

    Кети со мајка ѝ на нејзината крштевка/ Кети со брат ѝ на една година. (Фото: Приватна архива)

    „Утрото на 8 септември, како и сите други граѓани, моите родители излегле да гласаат, а после неполн час, според приказните на татко ми, за нив почнал денот. Откако гласале, мајка ми добила породилни болки и веднаш ја однеле во Велес, каде за кратко време на свет сум пристигнала јас“, вели Костова.

    Вели дека кога ќе се спомне 8 Септември 1991, за сите значи дека било голем ден за нашата држава, осамостојување, ден кога сме станале независна држава, ама кога на татко ѝ ќе му се спомне 8 Септември 1991 само ќе се насмее и ќе каже „Ах, долг ден беше тоа“.

    Кети со другарчињата од забавиште на прославата на 6. роденден. (Фото: Приватна архива)

    „Кога го прашувам татко ми, бидејќи мајка ми со сигурност не успеала да оди на славење со бебе во рацете, дали стигнал да оди на прослава за референдумот, само ќе ми каже :  ‘За мене имаше и поголема причина за славење тој ден’, нормално доаѓањето на нивната втора среќа т. е. јас“, се смее Кети, која осум години работи во фабриката за коли „Дрекселмаер“ во Кавадарци.

    Независноста, додава, не променила ништо во животите на нејзините родители во однос на работните места и живеачката.

    Сите нејзини блиски луѓе, пријатели, роднини го имаат запомнето нејзиниот роденден, но вели, искрено, неа досега не ѝ сменило ништо тоа во животот дека има значаен датум на раѓање. Кога почнала да оди на училиште, сите наставници ја препознавале по денот на раѓање, и дури тогаш сфатила колку голем ден било тоа.

     

    „По неполн час откако изгласале, мајка ми добила породилни болки и веднаш ја однеле во Велес, каде за кратко време на свет сум пристигнала јас“, вели Костова. (Фото: Приватна архива)

    „Често знам да се пошегувам на денот на мојот роденден кога ми го честитаат и како роденден на Македонија, дека иако сме врсници, таа голема, а јас сум толку мала спрема неа. Се сеќавам на мојот 18. роденден, јас полнолетна, Македонија полнолетна. Тогаш го прашав татко ми на шега дали и јас сум сега независна како Македонија, а тој нормално само се насмеа“, се смее Костова.

    Откако наполнила 18 години, гласа на секои избори во земјава, како што вели, си го користи правото на глас и смета дека секој граѓанин треба да го прави тоа.

    „Мислам би било подобро кога тие што управуваат со нашата држава повеќе би се грижеле за нашата иднина, а не за тоа кој ќе ја добие фотелјата“, вели 30-годишната Костова. (Фото: Приватна архива)

    „А кога би зборела за тоа какви сме како држава која 30 години е независна, мислам и дека не сме на добар пат. Многу убаво се чувствував кога порано дедо ми и баба ми ќе седнеа и ќе ми раскажуваа за тоа како се живеело и колку бил поубав животот во СФРЈ. Мислам дека тогаш имало повеќе човечност во луѓето, помалку злоба, завист и дека сите биле рамноправни. За разлика од тогаш, во денешно време, за жал, кога станува збор за нашата држава мислам дека сме уназадени со многу работи. Знаете, кога политиката секаде зазема голема улога, тука и нема што да се дискутира. Сепак мислам дека сѐ би било подруго кога тие што управуваат со нашата држава, повеќе би се грижеле за нашата иднина, а не за тоа кој ќе ја добие фотелјата. И кога ќе ме прашаат дали би се иселила од тука? Да! Искрено, да имам можност уште сега би го направила тоа како што направи и голем дел од младината во нашата држава“, вели Костова.

    Јубилејниот роденден денес ќе го слави дома, со најблиските, но вели, секако со свечена атмосфера достојна за јубилеј.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира