„Летај низ солзи мои, галебе мој тажен“ е монографијата за легендарниот композитор и музичар Кире Костов, насловена по неговиот голем хит кој го испеа Верица Ристевска, чии автори се музикологот Марко Коловски и пијанистката, професорка по пијано и музичка публицистка Снежана Чадиковска- Атанасова. Во чест на Костов, кој почина во 2023 на 74 години, во септември ќе се одржи и концерт во Националната опера и балет (НОБ). Монографијата е издание на „Арс Ламина“.
Кармен Костова, сопругата на композиторот, вели дека книгата прво ќе се промовира во радиоемисија на радио „Буба мара“.
„Ѝ дадовме предност на екипата на ‘Буба мара’, затоa што минатата година Кире постхумно доби награда за животно дело на ‘Златна Буба мара на популарноста‘. Емисијата треба да снима некаде по 5 мај, а ќе зборуваат музикологот Александар Трајковски и музичарот Ванчо Димитров. Свој удел ќе дадам и јас“, ни рече Костова, која беше професорка по пијано во Државниот музичко-балетски училишен цетар „Илија Николовски-Луј“, каде денес предаваат нејзините ќерки, Нина и Ана.
Костова вели дека се досега не била свесна колку песни и дела напишал нејзиниот сопруг, а тоа го дознала читајќи ја монографијата.
„Немав поим дека Кире има напишано околу 700 нумери, не знаев ни дека има снимено толку минути во студијата на МРТВ и како диригент и како трубач, останав вџашена кога дознав. Тој беше скромен човек и за тоа многумина му замеруваа. Еден соработник му велеше дека му е грешка што беше многу продуктивен, што не оставаше доволно време една песна да заживее, тој ги праќаше песните на фестивали брзо една по друга“, ни рече Костова.
Монографијата има околу 250 страници е поделена во два дела. Во првиот дел е животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници.
„Композиторот Љупчо Константинов додека беше жив даде изјава за книгата, тогаш беше почната подготовката, и музичарот Константин Икономов-Коце исто така. Во книгата зборуваат и Каролина Гочева, Драган Мијалковски, Ванчо Димитров, Лидија Кочовска и многу други“, вели Костова.
Вториот дел е анализа на делата на Кире Костов како трубач, композитор и како педагог, диригент на џез оркестарот на Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Професорката Костова вели дека тој е еден од основачите на Отсекот студии популарни жанрови на ФМУ.
Промоцијата на книгата на нејзина желба не треба да биде класична, туку да се поврзе со концерт на кој ќе се свират најголемите хитови на Кире Костов како „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Кој да ти каже“, „Што нè нема “ и други, како и делата од класичната и џез музика.
„Беше планирано концертот да се одржи на 12 април, но поради трагедијата во Кочани го одложивме за септември и ќе се одржи во Националната опера и балет. На моја желба, една од водителките ќе биде актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска која ѝ е соученичка на моја Ана и израсна со музиката на Кире. Режисер е Дејан Пројковски, ќе свири голем оркестар, а засега е договорено дека ќе пеат Каролина Гочева, Лидија Кочовска, Елена Ристеска, Ѓоко Танески, Драган Мијалковски и други. Не сакам овој концерт да биде патетика, сакам да биде нешто што се памети, затоа што Кире навистина оставил многу“, рече Костова.
Таа вели дека најголемиот дел од организацијата го турка самата, со помош на пријателите, семејството и соработниците.
М. ЏАРОВСКА