СО МУРАЛИТЕ САКАМЕ ДА ЈА ПОДИГНЕМЕ СВЕСТА ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ВОДАТА, ВЕЛАТ УМЕТНИЦИТЕ КОИ ЈА НАСЛИКАА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СТРУМИЦА

    СО МУРАЛИТЕ САКАМЕ ДА ЈА ПОДИГНЕМЕ СВЕСТА ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ВОДАТА, ВЕЛАТ УМЕТНИЦИТЕ КОИ ЈА НАСЛИКАА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СТРУМИЦАУметниците Ване Костуранов, Марјан Димиќ, Блаже Атанасов, Драган Китановски-Драш и Филип Конески работеа на новиот лик на бетонските површини на станицата во Струмица, кои упатуваат порака дека треба да се грижиме за водата како ресурс (Фото: СДК.МК)

    Оддалеку бодат во очи бојадисаните објекти на Пречистителната станица за фекални и отпадни води во Струмица. Цели пејсажи во кои доминира водата како извор на животот, го привлекуваат вниманието на секој што поминува покрај станицата која се наоѓа до реката Тркања кон населеното место Сачево. Ако не е малата реа од фекалиите што се прочистуваат во објектите, ќе добиете впечаток дека влегувате во некоја галерија на мурали под отворено небо. Уметниците Ване Костуранов, Марјан Димиќ, Блаже Атанасов, Драган Китановски-Драш и Филип Конески се одговорни што бетонските површини на станицата во Струмица добија нов лик кои упатуваат порака дека треба да се грижиме за водата како ресурс. Изработката на муралите почна во март, финишираше минатиот месец.

    „Јас во моите дела се обидов да ја претставам водата како симбол за прочистување на еден поширок начин, во физичка и духовна смисла. Лајтмотив во позадина ми беше безвременската мисла на Руми, дека ние не сме само една капка во океанот, туку ние сме целиот океан во една капка. Се надевам дека со овие јавни дела, ќе им ја доближиме уметноста до повеќе луѓе, но уште повеќе се надевам дека ќе придонесеме да се подигне свеста за природата и ресурсите што ги имаме и ќе научиме поодговорно да ги користиме“ , ни изјави Ване Костуранов, познат уметник од Струмица кој наслика два мурала „Прочистување“ и „Длабоко во ноќта“, во должина од 26 метри, а високи по 3 метри.

    Муралите се насликани исклучиво на објектите каде отпадните фекални води се третираат и прочистуваат (Фото: СДК.МК)

    Муралите се насликани исклучиво на објектите каде отпадните фекални води се третираат и прочистуваат. Станува збор за објектот за механичко прочистување со песочен таложник, базенот за аерација или биохемиско прочистување и трите секундарни таложници од каде водата ги поминуваат последните филтри пред да биде пуштена во реката Тркања.Сите тие беа насликани во рамките на проектот „Уметност и вода – магија на животот“ што се реализраше со подршка на ЕУ .

    Пречистителната станица во Струмица се градеше со средства од ЕУ во висина од 6,5 милиони евра, а ја изведуваше германската „Вете-Е“ (Фото: СДК.МК)

    Секој мурал има посебен естетски израз и посебна порака. Уметникот Филип Конески преку својот мурал „Создавање на светот“ дава до знаење дека водата е единственото нешто што го обединува светот, не само на ова планета, туку дури и во вселената.

    Уметникот Ване Костуранов со својот мурал „Длабоко во ноќта“ (Фото: СДК.МК)

    „Како луѓе се вложуваме премногу во потрага по друга планета каде повторно ја бараме водата, додека ‘рајот’ во кој сме присутни, свесно го уништуваме. Истовремено во мојот мурал е и дрвото на животот и ‘гревот’кој го нанесуваме на екосистемот. Јазикот на муралот е лесен за читање, пред сѐ за поголема блискост и разбирливост. Големината на муралите не ви дозволуваат да ги одбегнете или игнорирате и преку нив секој ќе си постави прашање за значењето на водата и чистата средина“ ни изјави Конески.

    Муралот „Морски свет“ (Фото: СДК.МК)

    Пречистителната станица во Струмица функционира веќе две години, со што беше решен деценискиот проблем на струмичани со фекалните води. Раководителот на станицата Митко Зимбаков вели дека се чувствуваат благодетите од овој капитален објект бидејки сега во реката Тркања тече чиста вода од втора класа која не го уништува ниту животинскиот ниту растителниот свет.

    Раководителот на станицата Митко Зимбаков (Фото: СДК.МК)

    „Во станицата влегуваат од 350 до 400 кубика фекални отпадни води од физичките и правни лица од Струмица, пришто паралелно излегуваат од 280 до 300 кубика чиста вода. Целиот процес е според европските стандарди и веќе нема реакции од жителите вдолж реката Тркања. Со муралите објектите добија впечатлив лик и порака дека треба сите да се грижиме за водата“, ни изјави Зимбаков.

    Откако беа завршени муралите голем број на ученици ја посетија станицата (Фото: СДК.МК)

    Пречистителната станица во Струмица се градеше со средства од ЕУ во висина од 6,5 милиони евра, а ја изведуваше германската „Вете-Е“. Станува збор за современа станица во која е имплементирана најсовремена технологија за третман на отпадните води пред сѐ во регион каде се одгледува и произведува зеленчук.

    „Ние како ЕУ сфативме дека областа каде треба да се фокусираме е животната средина“, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар (Фото: СДК.МК)

    „За да ја издвоиме оваа фабрика од обичните одлучивме да ги обоиме ѕидовите. Овие прекрасни илустрации покажуваат што прави фабриката и колку е важно да ја одржуваме околината чиста. Ние како ЕУ сфативме дека областа каде треба да се фокусираме е животната средина, затоа ја започнавме кампањата ‘За чисто како дома исто’ “, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар кој им се заблагодари на уметниците што помогнале да се раскаже приказната за чиста животна средина.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира