Дваесет и тригодишната пациентка од Скопје која почина на Инфективната клиника по компликации од ковид-19 имала коморбидитети, опериран тумор на хипофиза и Морбус-Кушинг ендоринолошко заболување, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. Таа била потврдена позитивна на 5 септември, а претходно 4 дена била со симптоми температура, кашлица и тешко дишење. Хоспитализирана е на 12 септември на Инфективната клиника во Скопје и веднаш класифицирана како тежок пациент, ставена на кислород. Ден пред да почине, состојбата на пациентката се влошила со пад на сатурација (заситеност на крвта со кислород), по што била ставена на неинвазивна вентилација (НИВ).
„Смртта настапила нагло“, велат оттаму.
За 29-годишната пациентка од Струмца, ни рекоа дека е почината во Клиниката Жан Митрев.
„Во епидемиолошкиот извештај на ИЈЗ стои дека имала заболување на тироидната жлезда“, велат од МЗ.
- ПАЦИЕНТИ НА 23 И 29 ГОДИНИ МЕЃУ ДЕВЕТМИНАТА ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19, НОВИ 98 ПОЗИТИВНИ ОД 1.404 ТЕСТОВИ
Двете млади лица се во денешниот извештај на Министерството за здравство, каде стои дека починатите се: од Крива Паланка (52), двајца од Гостивар (60 и 62, од Куманово (60), од Велес (70), двајца од Скопје (71 и 23), двајца од Струмица (29 и 44). Од нив 8 се починати во болнички услови, една пациентка од Струмица при транспорт кон Скопје.
Во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје од 7 до 13 септември, стои дека процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8.4% или 0.3 % повеќе во однос на претходната недела. Пријавени се 27 смртни случаи од 12 градови, 7 повеќе споредено со минатата недела. Во однос на возраста, 19 лица биле над 60 години, 6 на возраст од 50-59 и два од 40-49 години. Од починатите 25 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 23 починати лица.
Од 7 до 13 септември тестирани се вкупно 8.353 материјали, што е 14.2% помалку во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (173, 22,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 и 30-39 по (136; 19,3%), 40-49 (107; 15,2%) и 20-29 (98; 14,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (19; 2,7%) и 10-19 години (36; 5,1%).
Б. НЕСТОРОСКА