Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЦЗИ) во моментов спроведува вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Штип, за случајот со 41-годишната пациентка која на 14 ноември во утринските часови почина по компликации од ковид-19 на Инфективното одделение, соопшти Министерството за здравство.
Ќерката на починатата жена синоќа на Фејсбук објави скриншотови од нејзиниот телефон, каде се гледа дека хоспитализираната жена 2 дена упорно од болничкиот кревет им вртела на медицинските сестри, им пратила и смс-порака дека ѝ треба кислород, но според скриншотовите, никој не ѝ вратил ниту дошол, по што починала. Според нејзината ќерка, жената претходно немала никакви заболувања, а на Инфективното одделение се лекувала од 6 ноември. Ќерката, исто така, објаснува дека не добивале никакви информации за состојбата на мајка ѝ.
Директорот на Клиничката болница Штип д-р Ален Георгијев, исто така побарал да се изготви комплетен извештај за начинот на третман на пациентката.
„По завршениот вонреден инспекциски надзор, јавноста ќе биде детално информирана“, вели Министерството.
На 1 ноември, директорот Георгијев кажа дека Штипската болница не може да купува кислород и лекови за болните од ковид-19 поради локалните изборите, а Антикорупциска комисија ги советува да позајмат од други болници.
„Повеќе набавки ни се проблем, но во овој период најмногу медицинскиот кислород. Затоа ги интензивираме постапките за набавка на боци за кислородна поддршка, медицински помагала и разни заштитни средства. Антикорупциска комисија како регуларни ги признава само набавките со годишните програми кои не се косат со Изборниот законик и Законот за јавни набавки, но на почетокот на годината кога се донесуваа годишните планови кој можел да предвиди дека ќе се случи и пандемија и предвремени избори за градоначалник,“ рече тогаш Георгиев и додаде дека барале начини преку Бирото за јавни набавки да ги обезбедат по кој било законски основ само да не трпат пациентите.
Во Штип ќе има избори за градоначалник на 13 декември, бидејќи досегашниот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски.
Б. НЕСТОРОСКА