АХМЕТИ И ЏАФЕРИ ЏАБЕ МЕ ТУЖАТ, ДИРЕКТОРИТЕ НА „МАЃАР ТЕЛЕКОМ“ ПРИЗНАА ДЕКА ГИ ПОТКУПУВАЛЕ, ВЕЛИ СЛОБОДАН БОГОЕВСКИ

Кога ќе биде објавена пресудата, тоа ќе значи дека американското судство веќе докажало дека во коруптивните активности се вклучени македонски граѓани, а меѓу нив високи владини функционери

    АХМЕТИ И ЏАФЕРИ ЏАБЕ МЕ ТУЖАТ, ДИРЕКТОРИТЕ НА „МАЃАР ТЕЛЕКОМ“ ПРИЗНАА ДЕКА ГИ ПОТКУПУВАЛЕ, ВЕЛИ СЛОБОДАН БОГОЕВСКИСлободан Богоевски на рочиштето на 27 јануари ги обвини Али Ахмети и Муса Џафери дека со тужбата за клевета против него вршат незаконито влијание на сведок во судска постапка (Фото: СДК.МК)

    Судскиот процес во Њујоршкиот суд за случајот „Дојче телеком“ кој беше закажан за осми мај, во кој двајцата поранешни директори на „Маѓар телеком“ Елек Штрауб и Андраш Балог беа обвинети дека со лажирани договори поткупувале македонски функционери во 2005 и 2006, заврши со нивното признавање на вината и спогодбено договарање за плаќање парични казни. Во спогодбата со Американската комисија за хартии од вредност (СЕЦ) Штрауб се согласил да плати казна од 250 илјади долари, а Балог ќе плати 150 илјади долари.

    Во меѓувреме, и „Дојче телеком“ дополнително треба спогодбено да плати казна, но износот не е соопштен. СЕЦ првично барала отшета од милијарда и триста илјади долари. Комисијата за хартии од вредност покрена постапка против „Маѓар телеком“, затоа што сопственикот на компанијата „Дојче телеком“ котира на Њујоршката берза и е под контрола на СЕЦ.

    Сведок на Комисијата за хартии од вредност (СЕЦ) е македонскиот ексразузнавач Слободан Богоевски, кого лидерот на ДУИ Али Ахмети и високиот партиски функционер Муса Џафери во Скопје го тужат за клевета за дадените изјави пред СЕЦ, со кои тој токму нив ги посочува дека примиле поткуп од „Маѓар телеком“.

    Слободан Богоевски кој требаше да патува за Њујорк на рочиштето во Њујоршкиот суд вчера ни изјави дека нема да оди затоа што процесот е веќе завршен.

    „Судењето е завршено. Бидејќи обвинетите признаа вина дека поткупувале македонски политичари, случајот е затворен“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Слободан Богоевски откако вчера попладне СЕЦ објави дека со унгарските директори се спогодиле да платат казна за поткуп.

    Поранешниот главен извршен директор на Маџар Телеком Елек Штрауб ќе плати казна од 250 илјади долари и доби петгодишна забрана за вршење каква било директорска функција во компанија што е под контрола на Комисијата за хартии од вредност (Фото: Википедија/СЕЦ)

    Во исказот пред Њујоршкиот суд, Богоевски наведува дека на актуелни и на поранешни функционери во 2005 година им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ преку грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. Според сведочењето пред Њујоршкиот суд, Богоевски посочува и дека во скандалот, освен Кондоминас биле вмешани поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Муса Џафери и поточно, во три наврати биле исплатени по 2,5 милиони евра.

    Богоевски, кој беше клучен сведок во процесот пред Њујоршкиот суд, изјави дека сега веќе станува бесмислена тужбата на Али Ахмети и Муса Џафери против него.

    „Самиот чин на ваквата постапка е кривично дело бидејќи Ахмети и Џафери со тужбата против мене вршат незаконито влијание на сведок во судска постапка“, ни изјави Богоевски.

    Рочиштето против Богоевски во граѓанската постапка пред Основниот суд Скопје 2 е закажано за 27 мај. Спогодбата меѓу СЕЦ и Штрауб и Балог треба да стане правосилна во Њујоршкиот суд и таа ќе биде јавно објавена и испратена и до засегнатите страни во процесот во Унгарија, Македонија и Црна Гора.

    Јавниот обвинител Марко Зврлевски и ексобвинителот за организиран криминал Јован Илиевски по допрен глас отворија предмет за поткупот од „Маѓар телеком“ на македонски политичари, високи функционери од власта и опозицијата во 2005 и 2006. Но, никогаш не најдоа докази за поткуп. Истрагата сѐ уште е отворена. Со спогодбата во Њујоршкиот суд со која се потврдува дека кривичното дело се случило во Македонија, Зврлевски добива нови докази по признанието на вината на директорите на „Маѓар телеком“ дека вршеле коруптивни исплати на високи функционери од власта за да ги блокираат конкурентите на Телекомот.

    Дали според Кривичниот законик, дали според допрен глас од американската истрага, како што ја отворил истрагата, Зврлевски ќе мора неа да ја спроведе, велат правните експерти кои ги консултираше САКАМДАКАЖАМ.МК по објавувањето на соопштението од СЕЦ. Тие велат дека има признание на вина, има посочени осомничени функционери, а тука е и меѓусебната спогодба со САД за борба против корупција.

    Кога ќе биде објавена пресудата, тоа ќе значи дека американското судство веќе докажало дека во коруптивните активности се вклучени македонски граѓани, а меѓу нив високи владини функционери.

    Унгарската компанија, која е мнозински сопственик во „Македонски телеком“ веќе плати казна од 95 милиони долари во декември 2011 година во паралелен случај за истото дело, потплаќање македонски и црногорски функционери за да добијат бизниси и да ја исклучат конкуренцијата во телекомуникациската индустрија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари