АКО ДВАЈЦАТА РОДИТЕЛИ НА ДЕТЕ ДО 10 ГОДИНИ СЕ ВО ЗДРАВСТВО, ПОЛИЦИЈА ИЛИ АРМИЈА, ЕДНИОТ ЌЕ БИДЕ ОСЛОБОДЕН, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ

    АКО ДВАЈЦАТА РОДИТЕЛИ НА ДЕТЕ ДО 10 ГОДИНИ СЕ ВО ЗДРАВСТВО, ПОЛИЦИЈА ИЛИ АРМИЈА, ЕДНИОТ ЌЕ БИДЕ ОСЛОБОДЕН, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕВладата на вчерашната седница како превенција од ширење на коронавирусот донесе мерка да се затворат градинките, училиштата и факултетите и еден родител на дете до 10 години може да не оди на работа 14 дена. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владината одлука за отсуство на еден родител од работа за чување на дете до 10 години во следните 14 дена додека трае мерката за заштита од коронавирус, не важи за вработените во здравство, полиција и армија, вели министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи оти на седница на Владата ќе предложи мерката да не важи и за вработените во царина.

    „Во случаи кога имаме по двајца родители во овие дејности, едниот ќе биде ослободен. Ослободени од работа ќе бидат и родителите на лица со попреченост и самохраните родители“, рече Филипче.

    Владата вчера донесе одлука да се затворат сите воспитно-образовни институции, студентските домови, центрите за дневен престој, како и да се откажат сите воншколски активности. Градинките и училиштата ќе им издаваат потврди на родителите за да можат да бидат ослободени од работа.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека потврдите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот, директорот на институцијата, компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата.

    „Секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10-годишна возраст да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 15131“, велат од Министерството.

    Со мерката на Владата затворени се и дневните центри за згрижување на лица со попреченост, па поради тоа ослободувањето од работа важи за родители на деца и лица со попреченост и над 10-годишна возраст. Родителите е потребно да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари