АРХИЕПИСКОПОТ СТЕФАН И РЕИСОТ СУЛЕЈМАН ДА НЕ ГИ ПОТТИКНУВААТ СОБИРИТЕ НА ГОЛЕМИ ГРУПИ ВЕРНИЦИ, ПОБАРА ПЕНДАРОВСКИ

    АРХИЕПИСКОПОТ СТЕФАН И РЕИСОТ СУЛЕЈМАН ДА НЕ ГИ ПОТТИКНУВААТ СОБИРИТЕ НА ГОЛЕМИ ГРУПИ ВЕРНИЦИ, ПОБАРА ПЕНДАРОВСКИПретседателот Стево Пендаровски на архиепископот Стефан и на реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи им укажал дека од нив очекува да повикаат на одговорно однесување на граѓаните за време на верските празници, како и да го осудат секое однесување спротивно на мерките пропишани од државните органи. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека по повод случувањата со масовната литанија во Струга и најавата на Исламската верска заедница (ИВЗ) за отворање на верските објекти на 12 мај,  разговарал со поглаварите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) архиепископот Стефан и со реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и им укажал дека од нив очекува да повикаат на одговорно однесување на граѓаните за време на верските празници, како и да го осудат секое однесување спротивно на мерките пропишани од државните органи.

    Пендаровски вели дека побарал од поглаварот и од реисот, во интерес на сите граѓани, а со цел што поскоро надминување на состојбите да делуваат превентивно и да не ги поттикнуваат собирите на големи групи верници.

    „Една од клучните работи што ни ги покажа пандемијата со КОВИД-19 е дека без разлика на која заедница припаѓаме, сите еднакво сме под ударот на коронавирусот. Мерките кои се воведени за заштита од пандемијата, не забрануваат на ниту еден граѓанин да ја практикува својата религија. Но, она што мораше да се ограничи и уште е ограничено, се масовните собирања по повод кој било верски празник, како и верски обичаи. Ги повикувам надлежните институции да постапуваат соодветно, во рамки на одговорностите кои ги имаат за одржување на стабилноста. На сила е вонредна состојба, пандемијата на КОВИД-19 уште трае, а здравствените работници неуморно и со натчовечки напори секојдневно се ангажирани за лекување на нашите сограѓани кои се заразени. Вложивме многу за да ги избегнеме негативните последици со кои се соочија многу земји каде што имаше голем број на жртви и кои доведоа до затворање на храмови и светилишта како во христијанскиот, така и во муслиманскиот свет“, соопшти Пендаровски.

    Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за масовното присуство на граѓани на литијата која се одржа вчера по повод верскиот празник Свети Ѓорѓија. Предметот е отворен по допрен глас, по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.

    „Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, стои во соопштението од Основното јавно обвинителство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира